ВМРО-ДПМНЕ пред победа во Скопје, Битола и Охрид, ДУИ го изгуби Тетово


Ацо Ристов од Радовиш, Тони Коњановски од Битола и Кирил Пецаков од Охрид се нови градоначалници според извори од ВМРО-ДПМНЕ. Тие имаат значајно водство. Во Куманово води Максим Димитровски пред Оливер Илиевски  од СДСМ кој го призна поразот, во Карпош победа веќе прогласи Стевчо Јакимовски,  додека во Центар предност има Горан Герасимовски.  Во Град Скопје Данела Арсовска води значајно пред Петре Шилегов.  

Оливер Илиевски  му го честиташе водството на Максим Димитриевски и ја понуди својата програма за Куманово.

„Во овој момент сакам да им честитам на победниците и да порачам Куманово да го управуваат добро, да инвестираат и нашата програма ќе им стои на располагање. Сакам да ве информирам дека СДСМ освои 19.470 гласа, додека независниот кандидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, има освоено 25.470 гласови. Ова се неофицијални податоци што ги добивме  од нашиот изборен штаб, од сите гласачки места“, кажа Илиевски на прес конференција.

И кандидатот за градоначалник во Битола од СДСМ, Христо Кондовски му ја честиташе победата на својот против кандидат Тони Коњановски.

„Најпрво да ја поздравам вашата одлука, ова е само ваше право, ова е право на битолчани. Да ја поздравам победата на мојот противкандидат. Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Продолжуваме со животот во Битола понатаму, одлучија битолчани како ќе се движат наредните четири години. Јас како стопанственик , како симпатизер на СДСМ, како една конструктивна личност во општеството продолжувам да ја поддржувам политиката на Битола, за поддршка и прогрес, ќе бидам една конструктивна личност во иднина. Трендот е тој и граѓаните одлучуваат.Ја охрабрувам СДСМ, ја подржувам активно и коалицијата да продолжи со прогресивните политики во делот на ЕУ , во делот на НАТО Алијансата со политиките кои треба да ги спроведиме. Нашата држава е демократија и треба да се движи во тој колаж кој го одбираат граѓаните. Граѓаните се газди на нашата држава, се газди на нашата Битола, ја поздравувам одлуката и од утре продолжуваме  конструктивно да работиме со сите политички опции“, рече Кондовски.

Во Тетово води лидерот на БЕСА Биљал Касами пред Теута Арифи од ДУИ, која си го призна веќе поразот, додека во Гостивар води Арбен Таравари од Алијансата за Албанците. Арифи  му честиташе победа на  Касами.

„Резултатите кажуваат дека противкандидатот има повеќе гласови, и Општина Тетово ќе биде водена од мојот противкандидат. Сакам да му честитам и да му посакам успешна работа бидејќи Тетово е град со многу предизвици. Сакам да се заблагодарам на сите кои ме поддржаа, за концептот што го поддржував“, рече Арифи.

 ДУИ е на пат да победи во Струга, каде што води Рамиз Мерко пред противкандидатот.  Податоците на ДИК, покажуваат дека од обработени 2,56 отсто гласови, Висар Ганиу (ДУИ) има значителна предност во битката за општина Чаир, со точно 56,39 отсто, а пак податоците за Беким Сали (АА/А) бележат 39,29 отсто. 

Во останатите градови, како и во Скопје ВМРО-ДПМНЕ има голема предност.

Сумирано кажано, според досега пребројаните гласови на ДИК, СДСМ е во водство во 14 општини (Дебарца, Долнени, Чашка, Зелениково, Росоман, Лозово, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Кочани, Старо Нагоричане, Василево, Арачиново, Шуто Оризари и Центар). ВМРО-ДПМНЕ е во водство во Битола, Ресен, Охрид, Демир Хисар, Демир Капија, Гевгелија, Конче, Радовиш, Ново Село, Пехчево, Македонска Каменица, Кратово, Ранковце. ДУИ води во Струга, Кичево, Боговиње, Теарце, Желино, Студеничани, а Алијанса води во Дебар, Гостивар и Врапчиште.

Поразивме режим со фингер принт кажа Владимир Ѓорчев на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев нека си ја спрема оставката. Да не гледаме патетики пред Централниот одбор на СДСМ каде што тој поднесува оставка па не му ја прифаќаат, сапуници кои што ги гледавме со Венко Филипче, народот ја испорача сметката и народот кажа дека Зоран Заев треба да си замине, порача Ѓорчев.

Од СДСМ не ги коментираа резултатите и само порачаа дека денес изборите беа фер, слободни и демократски, при што огромно мнозинство од граѓаните денеска излегоа на гласање и дадоа правец каде ќе се движат државата и општините во следните четири години.
 
-Каков ќе биде правецот, ќе видиме од резултатите од гласачките места.
Денеска победи демократијата, победи слободната волја на граѓаните и покрај обидите за компромитирање на изборниот процес од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Не успеаја обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ги компромитира изборите, таквите режимски методи врз слободната волја беа откриени и по нив постапуваат надлежните институции.Ѓорче Петров, Кочани, Македонска Каменица се само дел од случаите каде ВМРО-ДПМНЕ со своите режимски тактики се обиде незаконски да влијае врз изборниот процес, порачаа од СДСМ нагласувајќи дека избирачката волја на мнозинството ќе биде испочитувана.