Првата фаза завршена, втората не е почната – Универзална ќе продолжи да се гради
Сега, по пожарот, треба да се изработи нов елаборат, кој ќе ги предвиди оштетувањата и начинот на остранување на останатите делови
Универзалната сала ќе биде изградена во предвидениот рок, иако пред неколку дена изби пожар, кој пак ги зафатил деловите кои и онака требало да бидат отстранети, беше речено денеска на брифингот со новинарите во Министерството за култура, каде присуствуваа и претставници од надзорот и изведувачот.
Сега, по пожарот, треба да се изработи нов елаборат, кој ќе ги предвиди оштетувањата и начинот на остранување на останатите делови. Секој изведувач, што реконстриура и гради има лиценца, која подразбира и осигурување, па додека тој работи таму за секој инцидент што би се случил на објектот и се предизвика некаква штета, трошоците ги сноси изведувачот.
„Ќе има веројатно вештачење и ќе треба да се испита новата конструкција, тоа ќе го прават институти и треба да се покаже дали егзистенцијата на материјалот не е нарушена. Ако не е, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку е спротивното, нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција. Позицијата која е руинирана, која се запали е позиција за која има распишано јавна набавка. Колку време ќе трае тоа, не зависи од нас, МВР сѐ уште прави увид , сигурно ќе има вештачење од обвинителството или некои засегнати страни. Тое е процес и на крајот ќе треба испитување на целиот материјал, односно на критичниот материјал кој беше најизложен на огнот“, рече Љубин Макаровски кој го прави надзорот.
Во салата, за време на пожарот немало работници затоа што изведувачот „Универзал Балкан“ и „Актива Штип“ престанале да работат десетина дена претходно по завршувањето на првата фаза. Се чекал почетокот на втората фаза, за која е распишан тендер, но не е избран изведувач. Истиот изведувач учествува на тендерот.
Тројцата работници кои беа викнати на распит се еден чувар и двајца работници кои се вратиле во објектот да си ги соберат алатите. Се обиделе да интервенираат, но пожарот бил на висина од 20 метри, па не можеле да го изгасат.
Според претставникот на изведувачот Лазар Арсовски, работите на Универзалната сала може да почнат многу брзо, откако ќе заврши увидот и истрагата од надлежните органи, потоа негова обврска е да ги викне ИЗИС и професорите од Градежен факултет, кои ќе ја испитаат новата конструкција, челичната купола и останатите делови, а тоа се прави многу брзо, затоа што постојат дигитални мерни инструменти. Тој смета дека 99 отсто од конструкцијата е безбедна и дека ќе може наскоро да продолжи реконструкцијата на објектот.
„Сѐ што беше вредно, сѐ што имаше некаква вредност и за во музеј, може да се искористи, уште во 2020 веќе беше извадено од салата. Во глобала во салата беа старите материјали, како иверица, стар челик, стар алуминиум. Универзална сала не изгоре, изгоре тоа што требаше да биде дислоцирано. Секоја штета што е направена ќе ја сносат нашите две компании. Новиот објект може брзо да се почне, ако биде увидена штета на новата челична конструкција ќе биде заменета за нова. Сѐ додека е во наше владение проектот, ние тоа мора да го направиме и ќе го направиме. Уште еднаш да објаснам, овој пожар нема жртви и не направи некоја преголема штета на самиот проект и ако има таква ние ќе ја сносиме“, рече Арсовски.
Реконструкцијата на Универзалната сала почна повторно во февруари годинава, откако претходно поранешниот градоначалник Петре Шилегов почна со реконструкцијата по дониран проект. Новата градоначалничка Данела Арсовска ја стопира реконструкцијата, тврдејќи дека проектот не е безбеден, па Министерството за култура ја презеде реконструкцијата, обезбеди пари за првата и втората фаза, по што се продолжи со обновувањето на објектот.
Според планот, Универзалната сала треба да биде готова до 2026 година и повторно да биде вратена на скопјани, односно на Градот Скопје.