„Прозорците што се смеат“ – мултимедијална кампања на „Театар Пи“ за лицата со интелектуална попреченост

ЦИУЕ „Театар Пи“ од Скопје во соработка со ЦПЛИП „Порака“ од Скопје по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост започнува со мултимедијална кампања со наслов „Прозорците што се смеат“.
 
Фокусот на проектот, информираат организаторите на кампањата, е да се развие разбирање за потешкотиите со кои ранливите групи се соочуваат кога се обидуваат да го изразат својот глас во општество.
 
– Кај нив, во изминатиов период како и кај сите граѓани е намалена комуникацијата, социјализацијата, самостојноста во извршување на сите активности. Со тоа лицата со попреченост може да станат поранливи. Ваквата состојба предизвикува и лицата со попреченост да станат поранливи, да се јави чувство на осаменост, која носи и други последици, посочуваат од Театар Пи.
 
ЦИУЕ „Театар Пи“ изминатиов период заедно со лицата со попреченост подготвииле изложба на уметнички инсталации, онлајн музички концерт и онлајн документарен филм.
 
Во текот на оваа година лицата со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ по нивни идеи и видувања на конкретната ситуација во која живееме, изработувале цртежи и фотографии на големи дрвени прозорци кои ќе бидат изложени на отворено на плоштадот „Филип Втори“ до црквата „Св.Димитрија“. Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари 2021 година.
 
Вториот настан е концерт кој ќе биде онлајн емитуван на 18 декември во 19:00 часот на фејсбук страницата на Театар Пи.
 
Додека, третиот настан е документарен филм со наслов „Прозорците што се смеат“кој е поделен на два дела и ќе се емитува на 18 декември во 19:00 часот на фејсбук страницата на Театар Пи.
 
– Првиот дел од документарцот е сниман пред пандемијата во кој тие го покажуваат својот светоглед. Актерите низ различни сцени ги покажуваат своите таленти и можности и прават јасна динстинција помеѓу стереотипите кои се создадени кон нив и кои се во суштина тие како индивидуалци со сите свои можности. Вториот дел од филмот е сниман за време на пандемија во кој актерите имаат можност за изразување  на нивните потреби и причини да креираат и така да го изминат овој период на изолација, да најдат своја форма и начин  да се себеизјават и да ги идентификуваат своите проблеми и јасно да ги изговорат, информираат од Театар Пи.
 
Проектот е поддржан од Град Скопје и Делагацијата на Европската унија во Скопје.