Провоцирање на Трамп: Зошто Макрон и Карни станаа „лидери на отпорот“?


Марк Карни и Емануел Макрон

Претходно оваа година, американскиот министер за финансии Скот Бесент им упати добронамерен совет на западните сојузници во Давос – кои беа уморни од омаловажувањата и провокациите од претседателот Доналд Трамп и неговите советници: „Смирете се, длабоко вдишете и не возвраќајте“, ги повика тој. „Оставете работите да си течат по својот тек.“

Неговите забелешки првенствено се однесуваа на царините, но на овој собир во швајцарските Алпи, Бесент и другите соработници на Трамп го повторуваа истиот совет за речиси сè што се однесуваше на американскиот претседател. И во целина, лидерите на сојузниците на Вашингтон го послушаа нивното предупредување, иако тешко го совладуваа гневот поради заканите на Трамп за инвазија на Гренланд.

За Гевин Њусом, гувернерот на Калифорнија и жесток критичар на Трамп кој исто така беше во Давос, сето тоа беше премногу. Присутните светски лидери беа „патетични“, рече тој. „Не можам да ја поднесам таа соучесничка покорност на луѓето што се предаваат без борба. Требаше да донесам куп штитници за колена за сите светски лидери.“

Сепак, оттогаш работите се променија – особено за канадскиот премиер Марк Карни и францускиот претседател Емануел Макрон, кои во последните недели возвраќаат со иста мера. Во услови на зголемени трговски тензии и несогласувања со Белата куќа околу Русија, тие не се двоумеа да ги заострат односите кога беа нападнати, а понекогаш дури и го провоцираа Трамп без непосреден повод.

Карни и Макрон станаа „лидери на отпорот“, изјави Рохинтон Медхора, канадски економист и професор на Универзитетот Мекгил, кој политичката визија на Карни ја нарече „реализам заснован на вредности“. Медхора, кој е член на разни меѓународни и канадски комисии, рече: „Пробаа со ласкање. Пробаа да го игнорираат. Ништо од тоа не успеа, а сега не губат ништо со тоа што возвраќаат на провокациите.“

Иако Карни ѝ држеше лекција на администрацијата на Трамп „да престане со мимови, да престане со потсмевачки коментари и да престане да глуми цврстина“, тоа не го спречи и самиот јавно да се потсмева. Слободните и провокативни коментари на канадскиот премиер вклучуваа  исмевање на Трамп поради неговото тврдење за „саботажа“, откако неговиот телепромптер откажа послушност за време на говорот во Обединетите нации минатата година. Соочувајќи се со сличен технички проблем во Торонто, Карни со сериозен израз на лицето изјави: „Би сакал да ве информирам дека телепромптерот престана да работи. За разлика од еден одреден светски лидер, јас не го сметам ова за заговор“.

А, во Отава, Карни измами и аплауз и смеа имитирајќи ги карактеристичните движења на рацете на Трамп, кои потсетуваат на свирење хармоника. Па, што се случува? И дали постојат ризици од „предизвикување на мечката“?

Според Стив Банон, поранешен стратег на Белата куќа, а сегашен инфлуенсер и подкастер поврзан со движењето MAGA, ризици навистина постојат.

„Си играат со оган“, изјави тој за „Политико“. „Тие целосно зависат од нас во поглед на трговијата“. Тој исто така упати мрачно предупредување за „движењето за отцепување на Алберта кое добива на интензитет“. Банон и други истакнати личности од движењето MAGA ја охрабруваат оваа канадска провинција богата со нафта, да се отцепи.

Банон го наведе и договорот што Трамп неодамна го склучи со Данска и Гренланд како пример за моќта на САД и способноста на Вашингтон да го добие она што го сака. „Нашиот договор за Гренланд ја покажува реалноста на неспособноста на Канада да се одбрани и да не стане следната Украина – овојпат на Арктикот“, рече тој.

Но, Иво Даалдер, поранешен амбасадор на САД во НАТО, извлекува поинаква поука од договорот за Гренланд, кој го продолжува претходниот договор од 1951 година и не му дава на Трамп контрола врз островот, како што тој тврдеше дека сака. За Даалдер, овој договор покажува дека кога сојузниците цврсто стојат на своите позиции, американскиот претседател попушта. „Со тој договор, Трамп буквално не доби ништо“, изјави тој за „Политико“.

„Мислам дека сојузниците почнуваат да сфаќаат како да постапуваат со него“, рече Даалдер. „Сега тие го игнорираат неговото бучно фалење и го прават и зборуваат она што го сметаат за важно за сопствениот интерес. Со тоа, тие имаат исто толку добри шанси како и кој било друг да го добијат она што го сакаат.“

Исто така, не е изненадувачки што Макрон побрзо од другите западни лидери посегна по провоцирање на Трамп, рече Даалдер. „Сепак, тој е Французин.“

Уште за време на првиот мандат на Трамп, Макрон беше подготвен директно да се соочи со американскиот претседател, стискајќи ја раката на својот колега толку силно што зглобовите им побелеа и одбивајќи да ја пушти дури и кога Трамп се обидуваше да ја повлече. Тонот на францускиот претседател сега изгледа поостар, а неговите постапки уште подиректни. Како пример за тоа Даалдер го посочува маневрирањето на Макрон со кое во јуни го наведе Трамп да потпише привремен договор со Иран во Версај – палата озлогласена по договорот што стави крај на една светска војна, но доведе до друга. Критичарите на Трамп истакнаа дека Макрон извел епски дипломатски потег со цел провокација.

До која публика се обидуваат да допрат и на која сакаат да влијаат овие двајца лидери? „Тоа е добро прашање“, рече Медхора. „Јасно е дека тоа не се Американците.“

Секако, постои и внатрешнополитичка димензија, бидејќи и двајцата собираат политички поени со тоа што му се спротивставуваат на човек кого го претставуваат како насилник. Сепак, Медхора смета дека во нивниот став веројатно е вклучен и поширок, постратешки аспект. „Со тоа што го прават ова многу јавно, тие ги охрабруваат другите лидери да ја надминат својата воздржаност и да им се придружат“, рече тој. „Ако и другите се приклучат, тогаш целиот табор против Трамп станува посилен.“

Но, тоа ќе успее само ако можат да го направат без сериозни последици – а секогаш постои ризик сè да им се врати како бумеранг.Можеби, со оглед на тоа што на Трамп веројатно му претстои неуспех на американските избори на средината на мандатот, за Карни и Макрон би било подобро да го послушаат советот на Бесент и да дозволат работите да си го течат својот тек, бидејќи американскиот лидер може да излезе од гласањето соочен со нови ограничувања наметнати од охрабрените демократи. Сепак, засега изгледа дека и двајцата премногу уживаат во „предизвикувањето на мечката“ за да го сторат тоа. (Политико)