Протестот од национален оди кон меѓунационален?


 

Насилниот протест поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се одржа и денес, по петти пат, но  нетрпеливоста кон протестантите предизвика  инцидент откако кај плоштадот „Скендербег“ група луѓе почнаа да фрлаат тврди предмети на колоната. Полицијата веднаш реагираше за да спречи судир меѓу групите. Според извештаите се слушнале и пукотници на местото.

Пред почетокот на протестот, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика незадоволството од францускиот предлог да не се изразува со насилство.  Во изјавата Мицкоски ги повтори ставовите и барањата на партијата во однос предложените документи од ЕУ и апелираше за масовност на протестите, осудувајќи го насилничкото однесување на поединци.  Тој најави дека собирите нема да запрат и во претстојните денови, а на граѓаните им порача дека насилството оди во прилог на оние што се против протестите.

„Народот, како што гледате и сега продолжува да се собира. Ние ќе повикуваме и понатаму во деновите што следат, затоа што сметаме дека власта не сака да го слушне народот кој громогласно вели ‘не’ на овој асимилаторски договор. Ценам дека треба секојдневно во што поголем број мирољубиво да се собираме, да го кажуваме нашиот демократски став, без насилство, затоа што насилството му одговара само на оној што истото насилство секое утро како аналитичар го најавува, и наместо да го спречува, го помага и го охрабрува. Насилството му одговара на оној кој сака оваа иницијатива да ја сопре, а ние имаме чиста цел, чиста намера, а тоа е да го сочуваме идентитетот и нашиот мајчин, македонски јазик и благодарност до сите оние сограѓани кои ни даваат поддршка и заедно со нас се борат за македонскиот идентитет“, изјави Мицкоски. 

Полицијата имаше информации дека насилни протести можат да се повторат и вечерва и дека група на луѓе која за вечерва подготвува молотови коктели.

Спасовски во објава на Фејсбук апелираше до сите граѓани кои сакаат да изразат незадоволство преку протест, тоа право да го искористат на демократски начин и притоа да не дозволат да бидат изманипулирани, како што беа некои други и да нападнат полициски службеници или витални објекти.

„Секој напад ќе биде најстрого санкциониран. Посебен апел до сите политички субјекти во државата на одговорен однос, бидејќи тие се задолжени да бидат и најодговорни“, наведе Спасовски, додавајќи дека протестот е демократско право и може да го организираат, но никако не смее да организираат насилства и рушење на државата и уставниот поредок.