Протестот на ЈСП ќе трае додека не се исплати септемвриската плата, закажана нова вонредна седница на Советот на Град Скопје


Скопје денеска остана без јавен превоз откако возачите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје денеска се собраа со протест да го изразат незадоволството поради тоа што не им е исплатена септемвриската плата. За денеска во 13 часот повторно е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје, откако вчера советниците побараа од градоначалничката Данела Арсовска да достави одлука за прераспределба на средства за платите на вработените во ЈСП.

Претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП Африм Муча е дециден дека нема да има превоз се додека не им се исплати септемвриската плата.

– Се додека не се исплати платата, ќе бидеме во гаража. Дојдени сме сите вработени од прва, втора и трета смена, вели Муча.

Посочува дека вработените се собрани спонтано незадоволни од менџерскиот тим бидејќи платата не е исплатена во законски утврдениот рок.

– Платата доцни пет дена. Ако го гледаме законскиот рок плата треба да се исплати до 15-ти. Меѓутоа, се надминаа сите рокови, денеска сме 20-ти, така што спонтано сме излезени сите од 4 часот наутро и протестираме за платата, вели Муча.

Во однос на прашањето поврзано со писменото соопштение на ЈСП – Скопје во кое се тврди дека „дваесетина луѓе од ССМ и Независниот синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи“, дека немаат штрајкувачки одбор и дека „Град Скопје ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани“, Муча ги отфрли ваквите тврдења посочувајќи дека се собрани спонтано бидејќи, како што посочи, со празен стомак не се работи.

Проблемот со неисплатените плати на вработените во ЈСП вчера беше тема и на вонредната седница на Советот на Град Скопје каде доцна попладнето беше изгласана иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите. Синдикатите вчера ја напуштија седницата на Советот револтирани дека нема договор за нивните барања и најавија дека денес ќе протестираат и дека нема да функционира јавниот превоз во Скопје.

Град Скопје пак, повика претседателот на Советот на градот да закаже во најкус можен рок вонредна седница во текот на денов, за да може веднаш да се изгласа одлуката изготвена по вчерашната вонредна седница, за пренамена на средства со кои вработените во ЈСП „Скопје“ веќе утре би ја добиле септемвриската плата.

-Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15 текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата. Исто така, апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за нив, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права, денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл.35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни, наведува Град Скопје во соопштение до медиумите.