Протести во Њујорк откако агент на мигрантската служба застрела и рани маж
Стотици демонстранти се собраа на улиците на Њујорк откако агент на американската Служба за имиграција и царина (ICE) застрела и рани маж.
Инцидентот предизвика судир меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, член на Демократската партија. Мамдани ја осуди операцијата и најави дека ќе побара од Трамп да ја прекине активноста на ICE во Њујорк.
„Да ја укинеме ICE“, напиша Мамдани во објава на платформата Икс (X).
„Без омраза, без страв. Имигрантите се добредојдени тука“ и „Не за ICE“, скандираа стотици демонстранти собрани на протесниот митинг на Менхетен.
Дваесет и осумгодишниот Оскар Бергал беше ранет за време на операција на ICE во Бронкс, додека седел во својот автомобил, на чија задна седалка имало петгодишно дете.
Американскиот министер за внатрешна безбедност, Марквејн Мулин, остро го критикуваше градоначалникот, оценувајќи дека „неговите изјави се опасни и поттикнуваат непријателство“.
„Ако ја укинете ICE, кој ќе ги отстранува криминалците од улиците на вашиот град? Кој ќе се справува со убијците, крадците и членовите на бандите?“, праша Мулин.
Според министерот, Бергал има обемно криминално досие и се обидел да избегне апсење. Мажот е хоспитализиран со прострелна рана во вратот.
„Тој легално дошол во земјата пред неколку години и оттогаш (…) извршувал кривично дело по кривично дело“, додаде Мулин.
Министерот изјави и дека агентите на ICE не знаеле дека во автомобилот има петгодишно дете кога отвориле оган. Детето не е повредено.
Њујорк има затегнати односи со федералните имиграциски служби и ја ограничува соработката со нив на минимум. Неколку други операции на федералните агенти годинава предизвикаа негодување во јавноста, особено по случаите на смртоносни престрелки во кои беа убиени двајца американски државјани во Минеаполис.