Протестен марш во Неготино предводен од другарките на Фросина
На плоштадот во Неготино попладнево родителите на Фросина Кулакова, жртва на тешката сообраќајна несреќа на „Партизанска“ во Скопје како и граѓани, роднини и пријатели запалија свеќи и одржаа мирен протест барајќи правда за прерано згаснатиот живот. Протестниот марш се одржува во Неготино под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“.
Другарките на Фросина организираа бесплатен превоз за учесниците од други градови.Маршот започна во 14 часот на улица „Маршал Тито“, а учесниците испратија силна порака за крај на сообраќајното насилство и почитување на законите.
„Коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети, бидејки законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува. Тогаш секој од нас ќе знае и размислува за последиците пред постапките“, порача Росица Кулакова, сестра на фросина.
Таа се заблагодари на сите кои дојдоа да изразат протест против неказнивоста на ваквите дела и, како што рече, корумпираноста во судството.
Ние не сме овде, порача таа, за да бидеме бројка, туку само обични ранливи луѓе кои лесно можат да станат жртва на некој алкохолизиран возач без возачка дозвола.
„Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот. Должината на овој марш се мери со големината на нашата заедничка одговорност, затоа судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветено. И секако, бараме правда за Фросина“, апелираше Недева.
На протестот пристигнаа и роднини на други жртви во сообраќајот кои со години се во неизвесност во судниците и очекуваат судот виновниците за сообраќајните незгоди со смртни последици да ја добијат предвидената казна со закон, а органите на прогонот и надлежните инстанци во разумен рок да ги завршуваат судските процеси против сторителите на тешки кривични дела во сообраќајот.Таткото на скопјанецот Столе Ангеловски, кој загина во тешка сообраќајна несреќа на пешачки премин под Кале во 2022 година, беше исто така на протестот бидејќи се уште трае неговата голгота за правда за сторителката од Куманово, чија ќерка пак години пред тоа исто така загина во сообраќајна несреќа.
-Денес дојдовме тука да изразиме поддршка на овој протест, поддршка за Фросина, поддршка за татко ми, поддршка за сите жртви што настрадале во сообраќајки. Нашиот судски процес го тераме се уште, се бориме, после цели три години, вратен е повторно на почеток и се надеваме на правда и бараме правда. Во првичната пресуда иако според членот по кој се гони обвинетата е минимум 4 години, таа доби 3 години, рече Ангеловски.