Протестен марш во Неготино со организиран превоз од Скопје


Протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ ќе се одржи денеска во Неготино, објавија организаторите на настанот на социјалните мрежи. Маршот ќе започне во 14 часот на улица „Маршал Тито“.

Како што беше објавено на социјалните мрежи, другарките на Фросина Кулакова ,која беше прегазена на 29 јануари, организираат бесплатен автобуски превоз (!) до Неготино и назад за оние кои се од другите градови, а сакаат за бидат дел од протстот. Според најавата која се шири на социјалните медиуми од Скопје автобусите ќе поаѓаат во сабота во 11 часот пред хотелот „Холидеј Ин“, а се повикуваат учество да земат и студентите.

На повикот за протест претходно се приклучи и општината, а ВМРО-ДПМНЕ со денови се препукува со соопштенија околу несреќата иако МВР сноси најголема одговорност за небезбедноста на сообраќајот. По вчерашните обиди да се убедат новинарите да не ја следат прес конференцијата на адвокатот на Васил Јовановски, по јавното линчување на судијката и екстремно високата затворска казна за  Јованов, кој е оквалификуван како „убиец“, се стеснува просторот тој да има фер судење во Македонија, па од една крајност се оди во друга – да плати за сите прегазувања досега за кои привилегирани  па и непривилегирани биле ослободувани или добиле минимална казна, меѓу кои Сергеј Попов, Ален Зекиров. Кичеец и многу други споменати деновиве.

Денешниот протест за кој другарките имаат пари да платат автобуски превоз од Скопје сугерира дека целта е многу поголема од правдата за Фросина – односно дека најверојатно се злоупотребува протестот од страна на власта за да се пресмета со Судскиот и Обвинителскиот совет, а родителите на Фросина не се свесни или се заробени од ситуацијата.     

„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите кои секојдневно се случуваат на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите кои го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции“, стои во повикот за учество. Протестот според организаторите има цел да ја нагласи итната потреба од системски промени и посигурни патишта.

Инаку, tаткото на Фросина, Тодор Кулаков,  преку социјалните мрежи реагираше на вчерашната прес конференција на која за првпат во јавноста се појавија родителите на Васил Јованов.Родителите на Јованов се појавија заедно со адвокатот на нивниот син, Сашо Дуковски и меѓудругото изразија сочувство на семејството на Кулакова.

„Никогаш немаат вистински каење и после 9 дена не изразија сочуство… Ниту не исконтактираа… Ама затоа веднаш подметнуваат телефон во “Шутка”, за да се договараат како да го прикриваат делото “убиство” на син им ! Подеднакво исто како што и претходните случаи со судијката ги прикривале, што ги прави соученици со кривична одговорност! Значи нема ниту каење, ниту станува збор за сочувство…“, напиша тој меѓудругото на Фејсбук.

Фросина Кулакова, студентка по моден дизајн, го загуби животот на 22-годишна возраст додека преминуваше на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.