Протест за парното во Автокоманда


Граѓани од населбата Автокоманда денеска повторно излегоа на улица за да изразат незадоволство од новиот начин на снадбување со топлинска енергија. Негодуваат дека не биле навремено известени за промените на договорите, ниту пак им бил даден избор да одлучат дали сакаат да се греат под новите услови.

Жителите на Автокоманда велат дека немаат греење после 22 часот, а неретко парното наместо во 6 часот им се вклучува во 7 часот наутро.

-Ни кажаа во сметките ќе нема разлика нема да има промени, а во затоплувањето има разлики некаде 15 за 22 навечер го исклучуваат греењето и сабајле треба во 6 да го вклучат, тие во 7 ни го пуштаат. Ние имавме средба со ЕСМ ни рекоа Владата така одлучи, па која е владата ние ја гласаме ова требаше да се направи пред сезона затоа што ние имаме мали деца, имаме стари луѓе да се подготвиме ќе прифатиме некои работи поради светската криза, ама не на ваков начин и во ова време, порача Слободан Павлов.

Додаде дека граѓаните се разочарани и дека не сакаат да ги платат сметките, меѓутоа им било речено дека ќе си го решаваат тоа на суд и смета дека ова за граѓаните претставува еден вид закана и притисок.

-Воопшто и не бевме прашани ни го раскинаа договорот не префрлаат, ниту сме прашани, ниту сме дале согласност, ниту пак знаеме по која цена и по колку часа дневно ќе имаме греење. Нека прашаат кој сака сака, кој не сака едноставо нема да користи парно и нема да има потреба цела година сметка да плаќа за пет часа греење, додаде друг жител на општината.

Поддршка на протестот даде и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој се придружи на насобраните. 

– Неприфатливо е во текот на грејната сезона, без информирање и согласност на корисниците на топловодно греење да се менува снабдувачот но и времетраењето на греењето – рече тој.

Инаку, од 1 февруари АД ЕСМ соопшти дека спроведе промени во системот на греење на град Скопје во правец на стандардизирање и воедначување на греењето, односно исти услови за сите 62.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции).

Тоа значеше дека одреден број потрошувачи приклучени на ЕСМ Енергетика сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија.

Овие потрошувачи досега добиваа парно греење 24 часа,  а сега  „ЕСМ Енергетика“ ги стави надвор од употреба старите парни котли кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас.