Протест во Битола, граѓани бараат градот да се исчисти од улични кучиња за седум дена

За краток период две деца беа искасани од кучиња, од кое едното поради тежината на повредите беше хоспитализирано на скопските клиники


 

БИТОЛА – Битола да се исчисти од улични кучиња во рок од една недела побараа граѓани на мирен протест откако во последниот период две деца беа искасани од кучиња во населбата Баир.

На почетокот на февруари беше искасано дете на две години и поради тежината на повредите пренесено во скопските клиники, а во петокот настрада и четиригодишно девојче кое е хоспитализирано во битолската болница.

Според „Хачико“ прифатилиште за бездомни животни во Битола и двете кучиња се заловени, биле напуштени со непознати сопственици и се мешавина на расата кангал.

Денеска на протестот реагираа родители и родинини на повредните деца.

Мукерем Бајрамова, баба на искасаното четиригодишно девојче од инцидентот во петокот раскажа дека кучето само влегло во нивниот двор, девојчето си играло со сестрата кога кучето ја нападанало на лицето и на раката.

„Девојчето има уплав, се плаши, раните отворени со крв. Двете девојчиња си играа, кучето го нападна едното дете. Ќе ја тужам општината“, рече бабата. 

Севги Веселовски татко на двегодишното момче кое беше искасано на 6 февруари рече дека двете деца му настадале од каснување од кучиња скитници, едното лани, другото годинава.

„Детето за малку ќе умреше, вчера си дојдовме од Скопје, бевме на контрола. Детето е искинато на лицето, на вратот, на увото… сега е на домашно лекување“, рече таткото. 

Самедин Канановски од невладина организација на Ромите од Битола реагира дека општината треба да го реши проблемот со кучињата скитници.

„Поводот за денешниот собир е поради она што се случи во два наврати во Битола. Истото куче нападна две малолетни деца. ‘Комуналец’ демантира дека не било истото куче, јас ќе кажам од каде знаат кога ние знаеме за кое куче станува збор. Истото куче ги нападна двете дечиња. Денес сме тука да дадеме ултиматум од седум работни дека да ги однесе кучињата на соодветно место. Во спротивно тука ќе застанеме на булевар и ќе донесеме луѓе да јадат ифтар, тука ќе поставиме шатори и нема да можат да влезат вработените на работа, бидејќи не сме сигурни во своите дворови“, рече Канановски. 

Тој реагираше и на коментарите на социјалните мрежи дека намерно се предизвикуваат кучињата за родителите да земат оштета од општината, наратив што го оцени за штетен за Ромите. Апелираше дека кучиња се напуштаат и се оставаат на обиколницата над Битола каде претежно живеат Роми.

Од прифатилиштето за бездомни кучиња во Битола „Хачико“ велат дека е лага оти истото куче ги касна двете деца во населбата Баир во Битола.

„Во врска со немилиот настан од петокот кога беше каснато малолетно лице, во јавноста се појавија невистинити информации дека станува збор за истото куче кое каснало пред еден месец. Сакаме јасно да потенцираме дека за овој настан постојат сведоци – семејството на детето, кои го посочија кучето инволвирано во случајот. Апелираме до јавноста и до поединци на социјалните мрежи да не шират непроверени и неточни информации. Дезинформациите создаваат непотребна паника и можат да предизвикаат штета и за луѓето и за животните“. (А.Б.)