Протест пред МВР и Парк Жена Борец „Ниту една повеќе“


Утре, 18 септември, со почеток во 17:30 часот, Mрежа Стела, Коалиција Маргини. Медуза и Реактор, организираат протест пред МВР и блокада кај Жена Парк Борец во 18 часот, како заеднички крик против колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди.

„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да излеземе на улица – онаму каде што насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи!

Ве повикуваме да дадеме поддршка на жртвите на насилство и заедно да кажеме „НИТУ ЕДНА ПОВЕЌЕ!“

Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите. Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени.

Секој глас е важен. Дојди и кажи гласно дека женските животи не се безвредни!“