Протест на велосипедистите во Прилеп, бараат безбедност на патиштата и улиците


Под мотото „Утре можеш да бидеш ти“, десетици членови на велосипедските здруженија „Прилеп на точак“ и „Вело Че“ излегоа на мирен протест во центарот на Прилеп за да го изразат својот револт и загриженоста што се чувствуваат небезбедни на улиците и патиштата. Повод за нивниот протест е трагичната сообраќајна несреќа пред два дена кога млада жена, рекреирајќи на велосипед по удар од автомобил го загуби животот.

-Излеговме на денешниот мирен протест поради завчерашниот немил настан во кој животот го загуби 42-годишна девојка која беше прегазена од несовесен возач на автомобил, а возачот го напушти местото на трагедијата. Реагираме на небезбедноста при движење по прилепските улици, немањето соодветна велосипедска, пешачка инфраструктура, неказнивоста од полицијата. Сакаме да го свртиме вниманието на институциите да преземат мерки, тоа што се случи  со девојката, за жал, може да му се случи секому. Се чувствуваме небезбедни, изјави велосипедистот Даме Дамески од здружението „Прилеп на точак“.

-Изразуваме сочувство до семејството на загинатата девојка. Сите ние што сме на протестот одиме, возиме по тој пат до прилепското село Беровци, кај бензинската пумпа. На турата што е за почетници. Тој пат го нарекуваме „патот на смртта“. На тој пат се вози брзо, се претекнува, се свири како ние да сме виновни. И ние велосипедистите сме учесници во сообраќајот, ги почитуваме сообраќајните знаци. Бараме велосипедски патеки, институциите да реагираат, да не биде ова само полициска статистика во билтенот. Ние велосипедистите не се чувствуваме безбедно, рече Даниел Гарбески од здружението „Вело Че“.

Велосипедистите на протестот истакнаа пароли „Утре можеш да бидеш ти“ и извозија низ центарот на Прилеп.