Студентите и вработените на ФИНКИ учеа пред Владата – реално, учат во простории на осум различни факултети
ФИНКИ е најголем факултет во државата кој што ги запишува најдобрите матуранти, државата да направи напори да ги подобри условите
Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа.
На протестот под мотото „ФИНКИ нема зграда – учиме пред Влада“, студентите поставија импровизирана училница со цел да привлечат внимание за нерешните просторни услови.
Деканот на ФИНКИ, професор Боро Јакимовски, информираше дека факултетот има повеќе од 5.000 студенти кои одат на настава во осум различни објекти.
На протестот под мотото „ФИНКИ нема зграда – учиме пред Влада“, студентите поставија импровизирана училница со цел да привлечат внимание за нерешните просторни услови.
– Изминатите неколку години имаме навистина горлив проблем за организација на наставата. Наставата се одржува во осум различни објекти, се одржува од 8 наутро до 9 навечер. Максимално вложуваме во постојните објекти кои што се наоѓаат во техничкиот кампус за нивна адаптација, бидејќи истите, сепак, припаѓаат на други факултети и имаат потреба од адаптација, рече Јакимовски.
Според него, отстапувањето на просторот од Бирото за развој на образованието е многу едноставно да се направи, додека не се најде трајното решение.
– Ние сме флексибилни максимално изминатите 13 години. Се надеваме на сите ветувања што сите влади ни ги дале. Некои се исполнети, но, секако, сметам дека пред нас имаме најголем факултет во државата кој што ги запишува најдобрите матуранти, тоа се наши деца кои студираат на факултетот и мислам дека треба државата максимално да направи напори да ги подобри условите, рече деканот на ФИНКИ.
Поддржан од неформалната организација „Студентска револуција“, протестот следува по серија на заклучоци донесени од управата на ФИНКИ на седницата одржана на 18 овој месец. Во заклучоците, факултетот побара од Владата да донесе одлука за времено или трајно користење на објектот на КП бр. 1856, КО Карпош, без надомест, и да го задолжи Министерството за образование и наука да обезбеди соодветен простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование во рок од три месеци.
На ова денеска реагираа од Бирото за развој на образование, од каде што соопштија дека го поддржуваат Факултетот во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава и трајно да го реши просторниот проблем, но, дека се против барањата за дислоцирање на БРО.