Промовиран проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“


Илустрација - Фото: Б. Богдановска

Локалните власти имаат клучна улога во пренесувањето на законите и на правилата од Европската Унија и дури 70 проценти од оваа одговорност паѓа на локалната власт, истакна денеска евроамбасадорот Дејвид Гир за време на промоција на проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ и форумот за можностите и предизвиците на јавното – приватно партнерство.

– Сега откако ги отворивме пристапните преговори со Северна Македонија ги охрабрувам сите, и локалните и централната власт, да играат клучна улога во спроведување на стандардите и на законите на Европската Унија во областа на екологијата. Ги охрабрувам и сите оние коишто ги подржуваат реформите да го искористат пристапот на преговори за да конечно ги спроведеме реформите во оваа област, истакна Гир.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, информираше дека примарната цел на овој проект е процесот на селекција на отпадот и тоа микротаргетирање во тој процес, односно обезбедување на адекватен модел на селекција на отпад за секое домаќинство на територијата на Општината.


– Наша цел уште од почетокот на нашиот мандат е Аеродром да биде почиста и позелена општина. Секако имаме предизвици но работиме на отстранување на сите недостатоци коишто биле креирани во минатото, изјави Муцунски.

Тој најави нови паркови коишто ќе почнат да се градат до крајот на оваа или почетокот на следната година, како паркот кај Реонскиот Центар, за каде што биле планирани две станбени згради, и мега-паркот позади ФФМ, каде што до скоро имало голема дива депонија.

Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски истакна дека Министерството за локална самоуправа и другите министерства, пред се Министерството за животна средина, посветуваат сериозно внимание за почиста животна средина и работат на тоа во контекст на управувањето со отпадот да се дојде до модерни европски решенија.

– Овој проект што се прави во соработка и со бизнис секторот сметам дека ќе придонесе во таа смисла, пред се кон селектирање и рециклирање на отпадот, но тука големи обврски има и Владата, затоа што многу е важно да направиме систем којшто ќе биде комплетно заокружен. Тоа значи да изградиме современи депонии и правиме напори во таа смисла, добиваме големи средства помош и од Европската Унија и од другите донатори, како и заеми од Светската банка, рече Димитровски, додавајќи дека во текот на преговорите со ЕУ едно од клучните ќе биде токму тоа за чистата животна средина и управувањето со отпадот.

Проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“, кој е помогнат со средства од Европската Унија, швајцарската Агенција за развој и соработка и кофинансирана од Министерството за локална самоуправа, се очекува да биде реализиран до крајот на 2024 година.