Промовиран нов модул за електронска евиденција на здравствените прегледи од медицина на трудот


Министерството за здравство денеска го промовираше новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот. Како што информираше министерот за здравство, Азир Алиу, модулот е изработен од страна на Управата за електронско здравство во соработка со Здружението на лекари специјалисти по медицина на труд и Институтот за медицина на трудот.

– Модулот овозможува електронска евиденција на здравствените прегледи кои досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизацијата на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавачи и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здрасвствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје, изјави Алиу.

Вели станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем „Мој термин“, со што, како што рече, се овозможува електронски запис за издавање на лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.

– Во процесот на дигитализација нема да застанеме тука, туку ќе продолжиме во следниот период со креирање на портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во Мое здравје, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилноста, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вравботување, рече Алиу. 

Придобивките од модулот, подвлече министерот за здравство Алиу, се подобрување и ефикасност на здравствените установи и работодавците, намалување на административниот товар за граѓаните и за здравствените институции, безбедна размена на информации и прецизна евиденција, како и лесен пристап до податоците.