Промоцијата на книгата „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски во МКЦ


Промоцијата на книгата „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски ќе се одржи вечер во 20 часот во фоајето на Младинскиот културен центар во Скопје.

Поетската книга е издание на „Бата прес“, а нејзиното објавување е поддржано од Министерството за култура. Книгата заеднички низ дијалог ќе ја промовираат авторот и писателот Гоце Смилевски. Песни од книгата музички ќе изведат Бранислав Николов и Гоце Јовановски.

Авторот Дејан Трајкоски е роден 1977 година во Прилеп. Работел како новинар, селектор на филмски фестивали, уредник, издавач… Тој е идеен автор и организатор на фестивалот ПРО-ЗА Балкан, основач и уредник во издавачката куќа Прозарт медиа. Автор е на романите „Вистина. Љубов. (рашомонијада)“ (2012) и „Неверство“ (2014). Романот „Неверство“ е преведен на англиски, германски, арапски, српски, ерменски, албански и бугарски јазик.

Тој бил член во жирија на филмски и литературни фестивали во странство: Варшава филм фестивал, Мотовун филм фестивал, Котбус филм фестивал, Тирана филм фестивал, Литературниот фестивал „Виленица“…Бил член на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.