Промоција на стрипот „The Jitters“ од Стефан Николовски


Во просториите на „ОРО Радио Бар Галерија“ денеска ќе биде промовиран стрипот „Д Џитерс“ („The Jitters“) од Стефан Николовски, работен според негово сценарио и цртеж.

Станува збор за жанровски антолошки стрип во боја, збирка од четири различни приказни, во кои протагонистите ги занемаруваат последиците предизвикани од нивните исполнети желби. Преку наивното вкусување на четири бонбончиња, отпочнува серијата на кошмарни настани, кои оживуваат потиснати трауматични спомени, ширејќи одмаздољубие, своевидно љубовно писмо до хорор жанрот.

 

– Стрипот на Николовски е уникатно остварување во домашната стрип сцена, со евидентен креативен потенцијал, нескротливата имагинација и посветеност во создавањето на мозаик од приказни, кои на ефективан начин ги доловуваат слабостите на модерниот човек. Ова дело е исчекор за домашниот стрип кој ќе го доближи до западниот свет, затоа што неговиот автор се изразува на јазик кој е разбирлив за светските познавачи на жанровскиот стрип, изјавил критичарот Златко Ѓелески, кој ќе го промовира стрип изданието.

Промоцијата ќе биде збогатена со изложбата „Ул.Чудни карактери бр.6“ на Симона Новаковиќ и Петар Миљковиќ, тетовирање во живо од „Eternity Tattoo“ од Скопје и „EOS INK“ од Шпанија, тематски коктели, диџеј сет и маскембал повод „Денот на вештерките“.

Стефан Николовски е домашен стрип артист и илустратор, кој има завршено во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, награден на првиот конкурс на годишната стрип награда „ЛИФТ“ за краткиот стрип „Писмото“. Го црта едукативниот стрип „Дени за тест“ на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ и работи на цртежите за анимираниот видеоспот „Лоши навики“ од Ед Ширан.

Дамјан Ѓоргиевски е автор на илустрацијата на насловната страница, а стрип изданието е печатено и издадено од печатницата „Софија“.