Промоција на списанието „Филозофска трибина“ во КИЦ
Во Културно информативниот центар – Скопје денеска ќе биде промовирано списанието „Филозофска трибина“.
Како што соопштуваат од КИЦ, „Филозофска трибина“ е првото македонско стручно списание од областа на општествените науки. Првиот негов број излегува во далечната 1978 година и во него свои статии и научни трудови објавуваат значајни теоретичари и интелектуалци од областа на општествените науки.
Во „Филозофска трибина“ се објавуваат филозофски релевантни текстови од најширокиот дијапазон на филозофски дисциплини како што се историја на филозофија, метафизика, епистемологија, логика, етика, антропологија, филозофија на политиката и правото, естетика, филозофија на митологијата и методика на наставата по филозофија.
Статиите во списанието се поделени во неколку рубрики, помеѓу кои авторски екстови, темат, преводи, студентски форум, средношколски форум, резимеа, прикази, библиографии, филозофска терминологија и филозовски живот. Списанието излегува два пати годишно.
Во „Филозофска трибина 34“ се поместени шест авторски текстови од Мирко Ѓошевски, Трајче Стојанов, Марија Тодоровска, Александар Стаматов, Пантелеј Кондратјук и Бошко Караџов.
Списанието содржи и два преводи на текстови од Еуген Финк и Стивен Фридман, во превод на Трајче Серафимовски и Ана Димишковска.
Во рубриката Студентски форум има три текстови од Сара Котеска, Андреј Лазаревски и Илија Вељаноски.
Рубриката Прикази содржи еден прилог од Ана Димишковска.
Последната рубрика, Филозофски живот ги содржи стандардните прилози (прегледите на филозофските настани и на новообјавените наслови со филозофско педигре), како и Осврт кон 13. Филозофски филмски фестивал сочинет од Марија Велинова.