Промоција на „Село зад седумте јасени/Стебла“ и прв број од списанието „Архив Јаневски“


Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ вечер од 19 часот во Клуб ресторан МКЦ ќе го промовира изданието „Село зад седумте јасени/Стебла“ од Славко Јаневски и првиот број на списанието за култура и општествени прашања „Архив Јаневски“.

„Село зад седумте јасени“ е официјално првиот македонски роман, објавен во 1952 година. Од тогаш поради разни причини не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Славко Јаневски во еден момент се откажал од авторството на романот и во 1965 година го објавил романот „Стебла“ како втора верзија од „Село зад седумте јасени“.

Во изданието што ќе го промовира Фондацијата „Славко Јаневски“ се опфатени двата романа така што,  посочува Фондацијата, тоа е е уникатна можност тие да се споредат и да се протолкуваат мотивите за контроверзната одлука на Јаневски.

-Секако е и единствена можност македонската јавност уште еднаш да го препрочита темелот на современата македонска литература. Идејата на Фондацијата е и со оваа промоција да направи напор да го смести делото на Јаневски онаму каде што природно припаѓа – во 21 век, наведува Фондацијата за изданието, од кое  делови ќе читаат Мери Каровска и Владимир Петровиќ. Предвидена е и забава за посетителите, со настап на џез-квартетот на Гоце Стевковски.

Покрај романите, ќе биде промовиран и првиот број на списанието „Архив Јаневски“, насловен „Јавач на комета“. Планирано е списанието да излегува еднаш годишно и, главно, да се занимава со артефактите од животот и творештвото на Јаневски, но и со останатите аспекти на живата култура и општествените прашања.

Првиот број на „Архив Јаневски“ во целост е посветен на ликовното творештво на Славко Јаневски и содржи стотина помалку познати репродукции од масла на платно на овој наш сестран уметник.

На промоцијата ќе стане збор и за плановите на Фондацијата за одбележување сто години од раѓањето на Славко Јаневски во 2020 година.