Промоција на романот „Страв од чекорење“ од Ѕвездан Георгиевски


Во овие 23 години наградата е доделена на многу важни номинирани автори во нашата држава, но е доделена и на многу млади или дотогаш недоволно афирмирани автори.- Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“ / Фото: Б. Грданоски

Романот „Страв од чекорење“ од Ѕвездан Георгиевски, објавен лани од „Бегемот“, ќе биде промовиран денеска во бистрото „Комедија“ во Скопје.

-„Страв од чекорење“ се претставува како роман што го става времето во самиот центар на приказната, не само како околност, туку како физичка и суштинска категорија што дејствува како главен лик. Токму во тоа лежи и неговата необичност. Во книжевноста ретко се случува времето да не биде само рамка во која се движат настаните, туку носечка сила што отвора прашања и го диктира внатрешниот ритам на делото, се наведува во најавата за промоцијата. 

Книгата ќе ја промовира Војо Љ. Цветановски, пантомимичарски етиди ќе изведе Дарко Вељиќ, делови од романот ќе чита Енџи Николоска, а музиката ќе биде по избор на Костадин Шурбановски.

Ѕвездан Георгиевски (1961) е автор на седум книги (публицистика, романи, раскази) и на дестина преводи. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Тој е долгогодишен новинар, уредник и колумнист. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.