Промоција на книгата „Сребрени ноќни игри и заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај


– Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје вечер во 19 часот ќе биде одржана промоција на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај. Ова јубилејно издание на целокупното творештво на Даница Ручигај го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти по повод шеесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година. 

-Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри” беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот” постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај, која многумина ја нарекуваат македонската Силвија Плат и амазонка на македонската поезија, остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Таа со својата исконска физичка и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Мора да се признае, сакал некој или не, дека во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда, наведува во најавата за промоцијата новинарот Стаменов.

И ова издание, како впрочем и претходното „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, што Свето Стаменов и Искра Чоловиќ го приредија во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса, ги содржи двете нејзини стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, како и двете нејзини последни песни „Кругови“ и „Без наслов“ („Се враќам да ја затворам вратата“) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на падините Водно. Во делот насловен „За Даница кажаа…“, пак, приредувачите даваат кратки размисли и импресии за ликот и делото на поетесата на педесетина научни, културни и книжевни дејци од земјава и од странство. Книгата содржи и комплетна библиографија на книжевниот опус на Даница, на секундарната литература за неа (книги, есеи, литературни критики, осврти… аудио и ДВД изданија) и преглед на културните и научните настани поврзани со нејзиното творештво (промоции на книги, литературни вечери и симпозиуми и сл.) во изминатите шест децении, како и факсимили на повеќе песни напишани од самата Даница Ручигај.   

Освен тоа, книгата е збогатена и со пригодни текстови посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво на проф. д-р Васил Тоциновски, литературен критичар, писател и поет; проф. д-р Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор во Скопје и еден од најзначајните словенечки дипломати, универзитетски професор, писател и поет; проф. д-р Намита Субиото, истакната словенечка славистка и македонистка – шеф на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана,  д-р Лилјана Пандева, поизната македонска писателка и проф. д-р Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и истакнат лингвист, славист и македонист и писател. 

Промотори на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Милан Јазбец и проф. д-р Димитар Пандев, а присутните ќе ги поздрави проф. д-р Елена Јованова Грујовска – директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кој годинава одбележува два значајни јубилеја: 70 години од основањето и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков. Модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска – спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ.

На промоцијата госпоѓа Златица Ручигај Поповиќ на поголем број поединци и институции ќе им додели повелби и благодарници заради нивниот исклучителен придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на ликот и делото на нејзината сестра – првата македонска поетеса Даница Ручигај.