Промоција на книгата „Слобода на стихот“ од Сузана В. Спасовска во Кинотека


Во дворот на Кинотека на Македонија вечер ќе биде промовирана книгата „Слободата на стихот“, ретка научна студија за слободниот стих со анализа на стихови од современата македонска поезија од Сузана В. Спасовска. Промотори на книгата се: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и д-р Атанас Чупоски.

Рецензенти на изданието се професорите д-р Венко Андоновски и д-р Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.

Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап прави обид да го дефинира слободниот стих, да ги категоризира неговите карактеристики и да направи типологизација на видовите слободен стих.

Сузана В. Спасовска е родена во јуни 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза. Досега објавила седум стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание), „Јазикот на светлината“ (2020, Македонија презент) и „Кадуцеј и лира“ (2022, ВиГ Зеница). Живее и работи во Скопје.