Произвел 2 милиони фалсификувани монети од 2 евра: Европол за приведениот ресенчанец, вработен во МВР


Вработен во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, вчера беше уапсен поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – „фалсификување пари“.

Станува збор за 34 годишен ресенчанец (Ш.Д.), кој беше уапсен во заедничка акција на Полициски службеници од ОСОСК при македонското Министерство за внатрешни работи и косовската полиција, како дел од Заедничкиот истражен тим помеѓу Основното јавно обвинителство Скопје и Специјалното јавно обвинителство на Република Косово. Ресенчанецот бил приведен на косовска територија, соопштија од МВР.

Тој е уапсен поради наводно масовно производство на милиони лажни монети од 2 евра, соопшти денеска Агенцијата за спроведување на законот на Европската унија.

Истрагата која траела со месеци, била спроведена од македонските и косовските власти со поддршка на агенцијата Европол, откри очигледна операција за фалсификување и доведе до апсење на 34-годишен осомничен во Приштина, се вели во соопштението на Европол.

Приведениот бил вработен во Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, соопшти Европол, додавајќи дека властите заплениле и „машини за фалсификување, илјадници собрани монети, прстени и јадра на монети“ на повеќе локации во Северна Македонија.

Еуроџаст, агенцијата за соработка во областа на кривичната правда на ЕУ, соопшти дека мажот е „осомничен дека произвел околу 2 милиони фалсификувани монети од 2 евра, кои требало да бидат ставени во косовската економија“.

Косово се соочува со епидемија на фалсификувани монети вредни милиони евра, велат властите. Земјата не е дел од еврозоната, валутната унија на ЕУ, но во 2002 година го усвои еврото како своја валута.

Инаку, вчера македонското МВР соопшти дека биле извршени претреси на три локации, при што се пронајдени и одземени: две машини со компресори за потиснување, шест метални печати за изработка на монети од две евра, шест вреќи со полупроизвод на монети и една вреќа со готов производ на фалсификувани монети. Одземенети предмети ќе бидат предадени на понатамошно вештачење.