Профилот на дипломатот


НАНО РУЖИН

Кога е во прашање фото-роботот на „идеалниот дипломат“ често е присутен  цинизмот и потценувањето, така што во домашната јавност ретко се слушаат комплименти за наши дипломати

 

Кој стои зад меѓународните средби на нашите министри, премиери, претседатели? Кој ги испланирал и организирал нивните посети и билатерални разговори? Како биле изработени и потпишани Преспанскиот гоговор, Договорот со Бугарија, договорите со ЕУ и НАТО? Дали нешто знаеме за оние анонимни дипломати кои се ангажирале околу патувањето на претседателот Пендаровски во Рим, на премиерот Заев во Мадрид и Атина, или на министерите  Османи и Димитров во Брисел, Љубљана, скандинавските држави?

Зошто јавноста во С. Македонија е малку запознаена со овие дипломатски анаонимуси? Колку се тие успешни? Што значи да сте добар дипломат? Кои се неговите квалитети и каков е профилот на дипломатот денес? Со цел да се заокружи оваа тема неопходно е да се истакне дебата која најмногу ги револтираше дипломатите во МНР, а тоа е латента расправа околу ангажирањето на „дипломати од кариера“ и оние кои се нарекуваат непрофесионални или „ привремени“ дипломати.

Познато е дека професионалните дипломати се школувани и обучувани токму за службата во надворешната политика, иако во Северна Македонија квалитетот  на образованието не е основен критериум за прием на служба во МНР. Освен со мали исклучоци, македонските дипломати од кариера се учат и напредуваат повеќе во праксата и периодичните стручни обуки, а помалку од професорите на афирмираните универзитети. За сметка од нив „договорните дипломати“ се личности чија примарна функција не е професијата – дипломат. Се работи за експерти, интелектуалци, професори, менаџери од разни домени, кои ги ангажира државата за одреден временски период. Во македонскиот случај, главен збор имаат партиите кои испраќаа  „политички подобни личности“, иако често таквите дипломати немаат големи меѓународни познавања. Таквата пракса наидуваше на незадоволство меѓу кариерните дипломати, бидејки чуствуваа дека се потценети и заборавени. Со членот 66 од Законот за надворешни работи делумно беа надминати бизарните кадровски потези со оглед дека најмалку 80 отсто од шефовите на ДКП-ата треба да се кариерни дипломати. Сепак анимозитетот помеѓу кариерните и непрофесионалните дипломати и натаму е присутен во коридорите на МНР.

Кога е во прашање фото-роботот на „идеалниот дипломат“ често е присутен цинизмот и потценувањето, така што во домашната јавност ретко се слушаат комплименти за наши дипломати. Мнозинството искусни дипломати имаат свои посебни сфаќања и разновидни поимања за профилот дипломат. Толкувањата понекогаш можат да се саркастични, луцидни, партикуларистички, субјективни и затоа е многу тешко да се изнајде хармоничен став по ова прашање. 

Дипломатот на страна на вистината

За да се биде добар дипломат не е доволно да се биде само послушен административец, туку да се поседува солидно познавање на темите, да се владее  јазикот на државата-домаќин, по можност да се располага со уште еден јазик, да се биде начитан, да се биде итар и интелигентен, да се поседуваат манири на добро однесување. Секој дипломат во исполнувањето на задачите пожелно е да поседува извесна дискреција, лојалност и храброст. Сите искусни дипломати се согласни дека макијавелистичкиот дух на „интриги и лаги“, нема привилегирано место во  современата дипломатија. Доколку дипломатот почне да манипулира  со соговорниците, ризикува да го изгуби кредибилитетот и позициите. Ова особено е битно во мултилатералната дипломатија. Денешната технологија толку напредна што секоја манипулација и интрига брзо се откриваат.

Нашиот искусен дипломат Вања Тошевски велеше: „Полезната финеса во дипломатијата е секогаш да ја кажувате вистината, понекогаш ако треба и директно, нo секогаш со извесен такт“. Вистината треба да се кажува и во спротивна насока,  кон домашните институции и функционери. Но и оваа релација понекогаш е оптоварена со тензии, особено ако отворено се истакнуваат критиките кон раководството или се премолчуваат фактите.

Познат е случајот со генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, кој за време на кризата во Косово 1999, испрати порака до претседателот Киро Глигоров и премиерот Љупчо Георгиевски со извесни критички забелешки за однесувањето на македонските безбедносни сили. Нашиот дипломат наводно ја ублажил пораката, така што македонското раководство добило поинакви импресии за тогашната позиција на Алијансата. Недоразбирањата биле надминати дури подоцна кога Солана се состана со Глигоров во Скопје. Можеби претседателот тактизирал и дипломатот воопшто и не бил виновен. Овој корективен ефект служи само за да се акцентира значењето на дисциплината и одговорноста на дипломатот кога се во прашање содржините на депешите.

Кога владата ќе се изјасни преку инструкции кои треба стрикно да се применуваат, дипломатот е должен да ги исполнува, независно од неговите интимни определби и чувства. Некогаш се наметнуваат теми според кои МНР не се изјаснило и тогаш дипломатот треба да тактизира или итно да бара и усмена инструкција за специфични pra[awa. Во такви услови треба да покаже голем талент и аналитички капацитети и да се ориентира согласно стратегијата за надворешната политика на владата. Меѓутоа во време на кризата од 2001 позицијата на тогашната влада отстапуваше од позициите на НАТО и ЕУ. Во недостиг на инструкции, неопходно е дипломатот  да се води според своите евроатлантски сфаќања. Уште покомплексна е ситуацијата кога во државата постои кохабитација помеѓу претседателот и премиерот, како што беше случајот со Црвенковски и Груевски за време на Самитот на НАТО во Букурешт 2008. Двете групи постојано се гледаа попреку и не комуницираа, иако во тој момент се решаваше за ветотот на Грција кон Македонија. Единствено македонските дипломати претрчуваа од едниот до другиот камп, внимавајки да не се замерат со лутите противници.

Кралот е должен да ги плаќа амбасадорите

Кога дипломатот се наоѓа во билатерална или мултилатерална мисија, опкружен со странски соговорници и дипломати, пожелно е да одржува добри односи со сите, да биде галантен и симпатичен а не вообразен и суетен. Секој дипломат треба да се движи во  повеќе средини, да запознава луѓе од други домени и од разни  социјални слоеви. Постојат категории луѓе како синдикалци, банкари, деловни луѓе, писатели, научници, па дури и луѓе од шоу-бизнисот, спортисти кои можат да бидат полезни за неговиот имиџ и информативниот мозаик. Напоредно и информациите од медиумите, социјалните мрежи не треба да се игнорираат, иако во нашата дипломатија  анализа на содржина на пишаните медиуми е претерана. Успехот на амбасадорот зависи од способноста на неговиот тим во амбасадата. Често главниот товар го изнесуваат дипломатите со помали звања, но ловориките ги добива „капетанот на тимот“ – амбасадорот. Дипломатската активност чини пари и затоа е неопходно  да се располага со соодветен буџет.

„Кралот е должен да ги плаќа амбасадорите“ пишувал Франсоа де Калиер, еден од најуспешните дипломати на Луј XIV. Меѓутоа кога се во прашање буџетот и платите на нашите дипломати тие се меѓу најслабо платените дипломати во Европа.  За споредба, еден македонски амбасадор не заработува ниту половина од платата на третиот секретар на странските амбасади во Скопје, додека македонските дипломати од понизок ранг се платени нешто над нивото на гарантираната плата во европските земји.

Една од слабите точки на новокомпонираните дипломати вклучувајки и дел од нашите дипломати е снобизмот од холивудски стил. Не е коректно да се споменувата имиња, но многу вработени во МНР се свесни кои се снобовите, нарцисоидните и самозаљубените дипломати за кои позначајна е марката на костумот, шамивчето, чевлите, наочарите за сонце, отколку диломатската мисија, говорот, контактот, претставување на земјата. Како што зборуваше словенечниот амбасадор во НАТО, Церар, за еден наш амбасадор  „за овој позначајно е да се претстави себеси, отколку вашата држава“. Ова не значи дека дипломатите не треба да да водат сметка за нивниот изглед.

Во одредни моменти умерената скромност е мошне значајна димензија, но таа станува контрапрудуктивна кога се претерува во скромноста. Од талентот и раскошниот дух на дипломатот зависи и употребата на хуморот, особено кога останатите соговорници се опуштени или кога треба да се направи здравица. Меѓутоа секое претерување и вулгаризам се недопустливи.

За што служи дипломатот?

Занаетот на дипломатите со векови остана ист. Денешните дипломати исто како и претходните ги бранат интересите на  државата ширум светот и со својата умешност и информации помагаат политичката елита да ги сфати главните влогови кои ги антиципира меѓународната заедница. Кога се зборува за дипломатијата, рефлексиите на секого се насочуваат кон амбасадорите. Тие се највидливата и најсимболичната персона на дипломатскиот ајзберг. Тие ја инкарнираат државата во странство и ја пренесуваат политичката парола за сопствената држава ширум Европа, САД и останатите светски меридијани во останатите државите и  институциите. Функциите на амбасадорот се повеќедимензионални: тој ја представува и застапува државата; ги штити интересите на државата и нејзините физички и правни особини; ги унапредува пријателските односи со земјата и меѓународната организација во која е акредитиран; учествува во дипломатските преговарања; ги унапредува сите форми на надворешно-политичка соработка меѓу неговата држава и онаа во која е акредитиран.

Амбасадорот нема строго ограничено работно време исто како и неговите соработници. Тие мораат постојано да се во функција на сопствената мисија, независно дали природата на нивниот ангажман им наметнува помалку или повеќе обврски. Затоа често приватниот живот и професионалните обврски на дипломатите не можат строго да се издвојат.

Амбасадорот и соработниците имаат хоризонтален поглед за односната држава-домаќин. Тие ја следат политичката, економската, културната, социјалната  состојба во општеството, како и расположението на јавното мислење. Нашите дипломати се свесни дека не поседуваат политичка моќ и репутација како нивните колеги од големите држави. Тоа не значи дека не треба да се чуствуваат рамноправни  и рафинирани, да не флертуваат со околината и да не собираат симпатиите од секого. Често додворувањето може да е насочено и кон домашните функционери и авторитети. Како што пишува Монтењ, за да добие наклоност и симпатии, амбасадорот  можеби и ќе му каже на кралот „многу ве сакаат во оваа држава“, реченица што сака да ја чуе секој авторитет, иако е празна и илузорна. Амбасадорот може да изврши извесно влијание кон своите странски соговорници и да ја возвишува личноста на сопствениот крал, но популарноста на кралот зависи од самиот крал. Дипломатот настојува да ги придобие симпатиите на домашните авторитети. Меѓутоа никогаш не може да дознае колку е полезен за неговата држава или суверен, дали навистина се читаат неговите депеши во државата и колкаво е неговото влијание меѓу домашното раководство. Во модерните времиња, дипломатот е теренски човек кој испраќа депеши, извештаи во министерството, ги калибрира сопствените информации согласно своите соговорници и практично го „бомбардира“ МНР со податоци. Во Бирсел велат дека „дипломатот го поминува целото свое време за да го губи време“.

Читањето на дипломатските депеши бара интелектуално напрегање и „трошење време“ од страна на авторитетите. Во принцип, од сите пристигнати депеши за потребите на домашните ВИП лица се изготвува концизен осврт од пристигнатите депеши воглавно од ЕУ, НАТО, САД или согласно актуелностите од соседството или останатите држави. Како што е познато, освен претставувањето и преговарањето, собирањето информации е најзначајната функција на дипломатот. Вистински печат за автентичноста на секоја информација му дава потписот на амбасадорот. Секако во гладта за информации, оваа акција мора да се води легално. Еден дипломат не е шпион, иако постојат и такви. Затоа, посветеноста кон прибирање информации ја наметнува потребата од солидното познавање на јазикот на државата домаќин за да се изготви концизна, прецизна и читлива депеша.   

Дипломатијата има потреба и од тајни

Кога го запрашале Винстон Черчил, дали некогаш сокрил некоја дипломатска тајна од британската јавност, одговорил: „Да кажував јавно сѐ што сум слушал во дипломатијата можеби ќе имавме уште една светска војна“. Отаму е сосема разбирливо дека дипломатијат обилува со бројни тајни или популарно наречени „класифицирани информации“ до кои имаат пристап само помал круг функционери во државата и кои располагаат со безбедносен сертификат. Се смета дека секој вид преговори од самиот почеток обилува со извесна тајност и доверливост. Доверливоста се потпира врз тајноста. Во своето дело „Дискретни услуги“ генерал Вернон Волтерс, поранешен воен службеник на САД во Париз, ги опишува тајните преговори помеѓу Кисинџер и Ле Дук То (1969-1973) околу завршувањето на војната во Виетнам. „Кисинџер секогаш  патуваше со воен авион, никогаш однапред не се знаеше кога ќе стигне во Париз, се возеше со обичен ‘спачек’ и живееше во мојот стан каде беше инсталиран криптограф дирекно поврзан со Белата куќа“. Медиумите беа малку информирани околу преговорите, слично како и триесет и пет години подоцна кога се одвиваа преговорите на екипата на Обама со Куба, со кои САД ја призна Куба и ги укина санкциите.

Преговорите меѓу Хенри Кинсинџер и Ле Дук То во Париз од 1969 до 1973 година за завршување на војната во Виетнам се едни од најтајните во модерната дипломатија

Дипломатските преговори често се сметаат за уметност на итрината и прикривање на тајните. Овој вид мистика најдобро ја објаснува Макијавели. „Дипломатијата ѝ се обраќа на итрината и се служи со неа за да убедува други“. Преговорите за дипломатите представуваат долгорочeн испит и затоа „не е пожелно уште на самиот почетокот да се изнесат сите карти на масата“. Дипломатијата според својата природа е дискретна. Таа не прикрива туку очекува соодветен момент за да ги открие сопствените позиции. За да ги убеди третите страни дипломатијата може да пристапи кон серија „индиректни маневри“, „ад хок или тактички сојузи“,  или да го подига прагот на побарувањата што македонската дипломатија го искуси во преговорите со Грција, и денес со ревандикациите на Бугарија.

Но доколку итрината може да биде средство, таа никогаш не е цел сама по себе. Денешните силни страни на дипломатија се почитувањето на одредена коректност и  меѓународна деонтологија кои се долгорочни вредности наспроти „венецијанската субтилност и расипаност“, каде сите удари биле дозволени. Интересите се премногу присутни и транспарентни за да може некој да си дозволи својот интерес да го наметне по пат на „ниски директни удари“. Едноставно, не се победува преку смалувањето или понижувањето на спротивната страна, бидејки тогаш преговорите губат од секоја логика. Тоа им беше јасно и на Ципрас и на Заев, кои независно од протестите на екстремистите и националистите, пристапија кон една реална и умерена преговарачка позиција за време на изготвувањето на Договорот од Преспа.

Дипломатот може да е вешт, но неговата позиција ќе биде прифатлива само доколку е добро аргументитрана и средена. Да се научи да се преговара значи да се научи да се почитува и познава соговорникот. Таквата хемија се почуствува  во односите на грчко-македонските делегации кои ја диктираа пријателската атмосфера меѓу двете страни во Преспа.

Францускиот експерт Жерар Аро смета дека „за да се биде добар преговорач треба да се ставите на местото на вашиот соговорник“.  Но таквата трасформација не е едноставна. Неопходен е пофлексибилен, посуптилен и отворен дух подготвен на компромиси.  Дипломатот цел живот треба да учи за да стане добар преговарач. „Преговарањето е занает“, сметаше поранешниот француски амбасадор во Скопје, Тимоние. Во модерните времиња ниедна држава, па ниту Македонија не може да опстојува без дипломатијата. Добра или лоша, со помалку или повеќе пари, кариерни или непрофесионални, стари или млади, треба да им се оддаде заслужен омаж на нашите дипломати кои од независноста до денес покажаа достоинство, умешност, храброст, умешност и интелигенција, независно дали се работи за оние од пониските рангови или за амбасадорите и нивните министри.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)