Професионален војник снабдувал затвореници во Идризово со телефони


Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Како што информира ОЈО, осомничениот, на 1 февруари во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Република Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.

Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор.

-Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, наведува ОЈО.

ГШ: Преземени мерки за припадник на Армијата кој извршил незаконски дејства при извршување на должност

Веднаш по дознавање на случајот за припадник на Армијата, кој како дел од составот кој е во поддршка на полицијата за обезбедување на КПУ-Затвор „Идризово“, е забележан како за време на извршување на должност фрлил мобилни телефони во дворот на затворот, од страна на Генералштабот се превземени сите потребни мерки согласно законските регулативи, соопшти Генералштабот.

По евидентирање на случајот по хиерархијата на известување, од страна на Началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки.

Оттаму наведуваат дека согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР.

По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка-престанок на работниот однос.

Генералштабот најостро ги осудува појавите за било каков облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш безкомромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи, стои во соопштението.