Продолжуваат „пинг понг“ обвинувањата за „Трансмет“
Арафат Муареми, актуелен директор на Управата за финансиска полицијата (УФП), ги демантира тврдењата кои се раширија во јавноста дека премиерот Димитар Ковачевски од него побарал да си поднесе оставка. Првиот човек на УФП вели дека не се вистините шпекулациите на одредени портали кои објавиле дека тој не е достапен и дека наводно бил во бегство.
– Јас сум во Македонија и ги извршувам своите работни задачи. Работам професионално, одговорно и транспарентно согласно позитивните законски прописи – вели Муареми.
Муареми е дел од предистражната постапка на ОЈО по однос на пријавата поднесена од Државното правобранителство во која тој и двајца други функционери се посочени дека не постапиле законски во случајот на згаснатото СЈО познат како „Труст“, во кој осуден е бизнисменот Сеад Кочан.
Во кривичната пријава, Муареми, како тогашен истражител во СЈО, и обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски се товарат за злосторничко здружување со сега веќе осудениот Сеад Кочан, затоа што, како што е наведено во пријавата која ја објави „Код“, носеле одлуки со кои сега е отежната конфискацијата. Поради нивни пропусти, имотот на Кочан не може да биде конфискуван, тврди Државното правобранителство.
Радио Слободна Европа дознава дека Финансиската полиција доставила известувања за утврдени неправилности од страна на Правобранителството во постапката за стечај на „Трансмет“ до Обвинителството, три дена пред Правобранителството да поднесе кривична пријава против Муареми и обвинителите Ајро и Бубевски. Финансиската полиција смета дека Правобранителството, преку своите ставови изнесени и во медиумите, се обидува да ја дефокусира јавноста од истрагата која се води за случајот со конфискацијата на имотот на „Трансмет“ и стечајната постапка за оваа фирма. Но, не открива повеќе детали за постапката.
„Управата за финансиска полиција категорично ги отфрла сите обвинувања изнесени во медиумите и одговорно тврди дека истите се со цел дефокусирање на јавноста околу вистината за истрагата на стечајот за „Трансмет“, како и за инволвирани лица вклучително и Државното правобранителство“, се вели во одговорот на финансиската полиција за РСЕ.