Продолжен годишниот студентски билет за јавен градски превоз


Фото: Б. Грданоски

Со цел избегнување на поголеми групирања и турканици, годишниот студентски билет за бесплатно користење на јавниот градски превоз е продолжен до крајот на февруари следната година, информираат од ЈСП.

Оваа одлука е донесена по барање на Универзитетското студентско собрание за продолжување на рокот со оглед на актуелната ситуација со Ковид-19, односно поради потешкотиите при обезбедување потребна документација на одредени факултети.

ЈСП Скопје апелира до сите студенти, корисници на билетот за бесплатно користење на јавен превоз, навремено да ја обезбедат потребната документација, како би го испочитувале дадениот продолжен рок за продолжување на важноста на билетот.

Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста. Важноста на билетот се продолжува секоја учебна година, при што на студентите кои првпат запишуваат прва година и обезбедуваат (вадат) бесплатен билет, неговата важност автоматски е до крајот на наредната календарска година.

Останатите студенти, важноста на билетот ја продолжуваат со потврда за редовен студент и заверен зимски семестар.

Продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП.