Процесот за „Титаник“ продолжи, никој не спомена застарување на делото


 

Ниту обвинителството ниту адвокатите денеска на продолжењнието на судењето во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности не ги споменаа измените во Кривичниот закон кои се однесуваат на застареност на некои дела. Судењето продлжи како ништо да не се случило, со испрашување на сведоци.

Но веројатно нема да биде така кога процесот ќе дојде кон својот крај. Адвокатите на обвинетите велат дека нема да предложат да се констатира застареност на кривичното дело злоупотреба на службената положба, бидејќи судот мора да чека на изјаснување на Јавното обвинителство.

Обвинителката Лиле Стефанова на новинарите им кажа како ќе оди постапката: Во оваа фаза нема да констатира застареност на ова кривично дело затоа што обвинетите се судат и за други кривични дела. И дека тоа ќе го направи во завршните зборови, а пред изрекувањето на пресудата. Стефанова дополни дека со тоа нема да им промена во трошоците на постапката.

На обвинетите ќе продолжи да им се суди за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Процесот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности. Им се суди на 16 обвинети, меѓу кои и на поранешните, премиер Никола Груевски и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски. Претходно во овој случај осудени се шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер. како и екс-министрите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Со измените на Кривичниот законик за Груевски и Божиновски делото е застарено и тие ќе куртулат од дел од казната.