Пробниот попис без проблеми: Во Прилеп попишани околу 35 домаќинства


Пробниот попис во Прилеп се одвива непречено и без проблеми. Нема никаков застој со текот на пробниот попис во двете од 13-те општини, Прилеп и Донени, информира Мира Илиевска, инструктор од Државниот завод за статистика надлежна за текот на пописот во овој регион. Досега во двата пописни круга се попишани околку 35 домаќинства, а двајцата попишувачи ќе останат на теренот до околу 20 часот.

– Нема никакви проблеми ниту со текот на пробниот попис, ниту со ситемот и електронската апликација. Се тече непречено. Досега во двата пописни круга во Прилеп се попишани околу 35 домаќинства, а попишувачите остануваат на теренот до околу 20 часот. Самиот процес на попишување во едно домаќинство е од 10 до 20 минути, во зависност од бројот на членовите, објаснува Илиевска.

Во Прилеп се попишува населението, домаќинствата и становите во два пописни круга со вкупно околу 400 домаќинства. Речиси толку домаќинства се што треба да се попишат и во општина Долнени во, исто, два пописни круга кои ги опфаќаат населените места Лажани и Црнилиште. И таму, како што објаснува Илиевска, пробниот попис во првиот ден се одвива без проблеми и непречено. Во двете попштини попишуваат вкупно четворица попишувачи од Државниот завод за статистика и се се одвива електронски.

Општините Прилеп и Долнени се дел од вкупно 13-те во земјава со 32 пописни круга кои се опфатени со пробниот попис кој ќе трае до крајов на месецов. Вчера успешно се одредија пописните кругови. Од пробниот попис нема да се објавуваат информации и податоци, а ова е подготовка со цел да се испита пробниот, електронски модел на попишување и техничкиот начин на оваа значајна статистичка операција. Редовниот попис треба да се спроведе во април наредната година, а се најавува уште еден пробен попис во октомври и во ноември годинава.