Проблемот на нееднаквоста и како да се реши


БЕРНИ САНДЕРС

Во 1978 година 0,1 процент од најбогатите во САД поседуваа околу 7 проценти од богатството на земјата. Во последната година за која имаме податоци, 2019 година, тие поседуваа речиси 20 проценти

 

Соединетите Држави не можат да преживеат како просперитетна и витална демократија ако многу мал број луѓе поседуваат толку многу, додека огромното мнозинство поседува толку малку. Повеќето мои колеги во Конгресот го игнорираат проблемот со нееднаквоста на имотот и приходите, иако тоа е една од најголемите морални, економски и политички кризи со кои се соочуваме – проблем што мора да се реши.

Непријатната вистина е дека ние се движиме сѐ побрзо кон олигархиска структура на општеството во која неколку милијардери ќе поседуваат огромно богатство и моќ, додека работничките семејства ќе поминат низ искушенија невидени од Големата депресија. Пандемијата дополнително го продлабочи овој проблем.

Половина од населението во Америка едвај преживува од еден до друг чек, половина милион најсиромашни се бездомници, милиони стравуваат дека ќе бидат исфрлени од своите куќи, 92 милиони Американци живеат без здравствено осигурување или недоволно осигурување, а многу семејства во земјата се загрижени како да ги прехранат своите деца. Една цела генерација е оптоварена со огромен студентски долг и сознание дека животниот стандард што ги чека ќе биде понизок од оној што го уживаат нивните родители. Најлошо од сè, очекуваниот животен век на сиромашните Американци е за 15 години пократок од очекуваниот животен век на богатите. Сиромаштијата во Америка е смртна казна.

Од друга страна, на богатите никогаш не им било подобро. Еден процент на врвот поседува повеќе богатство од 92 проценти од населението на дното на скалата, додека 50-те најбогати Американци поседуваат повеќе богатство од целата долна половина на скалата за дистрибуција – што е околу 165 милиони луѓе. Додека милиони Американци ги загубија своите работни места и приходите поради пандемијата, 650 милијардери минатата година го зголемија своето богатство за 1,3 билиони долари.

Продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните не е ништо ново.

Во последните 40 години, имаше голем трансфер на богатство во кое губитници беа средната класа и работничките семејства, а победниците беа најбогатите луѓе во Америка.

На пример, во 1978 година 0,1 процент од најбогатите поседуваа околу 7 проценти од богатството на земјата. Во последната година за која имаме податоци, 2019 година, тие поседуваа речиси 20 проценти.

Неверојатно е што двајцата најбогати луѓе во Америка, Џеф Безос и Илон Маск, поседуваат богатство еднакво на имотот на 40 проценти од Американците на дното на скалата.

Ако нееднаквоста во приходите не пораснеше со толку високи стапки во последните 40 години и останеше на исто ниво, просечниот работник во Америка денес ќе заработуваше годишен приход поголем за 42.000 долари. Наместо тоа, менаџерите на челните позиции заработуваат повеќе од 300 пати повеќе од просечната плата на нивните вработени. Просечен американски работник заработува неделно 32 долари помалку од пред 48 години – кога ќе биде земена предвид инфлацијата. Со други зборови, и покрај огромниот технолошки напредок и растот на продуктивноста, обичните работници заработуваат сè помалку.

Решавањето на проблемот со нееднаквоста на имотот и приходот нема да биде лесно, бидејќи мора да се соочиме со некои од најмоќните и најбогатите субјекти во оваа земја, вклучувајќи ги Вол стрит, индустријата за здравствено осигурување, фармацевтски компании, индустрија за фосилни горива и воени-индустрискиот комплекс. Но, немаме друг избор. Еве што можат да направат Конгресот и претседателот во блиска иднина.

Треба да ја зголемиме минималната плата од неодржливи 7,25 долари на 15 долари на час, што е износот на егзистенција. Вработувањето треба да им овозможи на луѓето да избегаат од сиромаштијата, а не да ги турка во мизерија.

Треба да им олесниме на работниците синдикално да се организираат, наместо да им го отежнуваме тоа. Огромниот пораст на нееднаквоста во имотот и приходот може директно да се поврзе со падот на синдикалната моќ во Америка.

Треба да создадеме милиони добро платени работни места за да ја изградиме нашата неуспешна инфраструктура – патишта, мостови, постројки за третман на вода, канализација, брани, училишта и пристапен станбен фонд.

Ние мора да се бориме против климатските промени со темелна реконструкција на енергетскиот систем, напуштање на употребата на фосилни горива и свртување кон ефикасни и обновливи извори на енергија, што исто така ќе создаде милиони нови и добро платени работни места.

Ние мора да ги имитираме водечките земји во светот кои гарантираат здравствена заштита на своите граѓани како човеково право. Со усвојување на здравствено осигурување за сите ќе се стави крај на апсурдната состојба во која Американците плаќаат двојно повеќе за здравствена заштита од жителите на другите земји, додека десетици милиони од нив немаат никакво или имаат недоволно осигурување.

Ние мора да осигураме дека младите, без оглед на приходите, имаат право на квалитетно образование – вклучително и присуство на универзитет. Ова значи дека образованието на државните колеџи и универзитети мора да биде бесплатно, а долговите за студентите од семејствата на работничката класа да се намалат.

И да. Треба да ги натераме најбогатите луѓе и најпрофитабилните корпорации во Америка да започнат да плаќаат даноци по фер стапки.

Растечката нееднаквост во приходите и имотот не е само економски проблем. Тоа е прашање што ги допира темелите на американската демократија. Ако многу богатите продолжат да се збогатуваат додека животниот стандард на милиони работници продолжува да паѓа, вербата во јавната администрација и демократските институции ќе продолжи да опаѓа, додека поддршката за авторитаризмот ќе продолжи да расте. Не смееме да го дозволиме тоа.

(Берни Сандерс е американски сенатор. Колумната е објавена во „Гардијан“)