„ПРО-ЗА Балкан“: Врачување на наградата „Прозарт“ за Мирча Картареску


Најпреведуваниот современ романски автор, Мирча Картареску/ Фото: Б. Грданоски

На третиот ден на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе му биде врачена наградата на годинашниот лаереат на наградата „Прозарт“. Наградата за особен авторски придонес кон балканската литература ќе ја прими значајниот романски писател Мирча Картареску. Тој ќе се претстави и со дел од своето творештво.

Гостите на фестивалот: Миљенко Јерговиќ, Јоана Николае, Оливера Ќорвезироска, Анте Томиќ, Калин Терзиски ќе читаат извадоци од своето творештво.

Во придружната програма „Musicians’ cut“ ќе настапат Гоце Јованоски и Андреа Мирческа, кои ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“, снимен по сценарио на Томиќ.

Утре, на 22 септември, фестивалот организира дополнителна програма во книжарницата „Буква“ во Скопје од 20 часот. Александар Прокопиев ќе зборува за творештвото на Гојко Божовиќ, а двајцата заедно, пак, ќе зборуваат за делото на Даниело Киш.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ го поддржаа: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.