„Про-За Балкан“: Синергија на литература, филм и музика

Објавена целосната програма за Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, што ќе биде отворен в недела, 19 мај, во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје.
Годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и еден од водечките современи бугарски писатели, Алек Попов, ќе биде во друштво на ланскиот лауреат – српската легенда Светислав Басара.

На новото издание на фестивалот ним ќе им се придружат познатиот српски колумнист, новинар и писател Теофил Панчиќ, словенечката писателка и книжевна преведувачка од англиски и од француски јазик, Једрт Лапух Малежич, турскиот бестселер романсиер, есеист и сценарист Тарик Туфан, независниот хрватски писател Ивица Пртењача, специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот победник на Кан од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“, како и нам добро познатата писателка, филмска критичарка и есеистка Јагода Михајловска-Георгиева.

Со нив ќе разговараат македонските писатели: Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска. Гости на отворањето ќе бидат и четворицата членови на програмата „Скопје фелоушип“ – еден од најпознатите литературни агенти и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ од Париз, Пјер Астие, уредничката во издавачката куќа „Пол Солнај и Дојтике“ од Виена, Бетина Вергетер, Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога” и Реџеп Хида, директор на првата приватна издавачка куќа од Албанија, „Фан Ноли“.
На вториот фестивалски ден, на 20 мај (понеделник) во 17 часот во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ ќе се одржи отворена дискусија „Ерџан Кесал во Скопје!“, што ќе ја модерираат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски. Два часа подоцна, од 19 часот во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезна маса „Литература, страв, политика“ на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.
Фестивалот ќе биде затворен на 21 мај во Даут-пашиниот амам во 20 часот, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
На затворањето ќе се обратат лауреатот зa 2019, Алек Попов и лауреатот зa 2018-ма, Светислав Басара. Гоце Јованоски („Фолтин“) и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Мисија Лондон“ според романот на Алек Попов.

Фестивалот годинава се одржува под мотото „Синергија: литература, филм, музика“. Новитет од годинава е воведување на нови програмски содржини на фестивалот со спој на проза, музика и филм во синергија.
Во чест на лауреатот, следниот ден на 22 мај во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“, во кој копродуцент е нашиот Огнен Антов а бугарскиот режисер Димитар Митовски го сними според сценариото на Алек Попов. Предвидено е и обраќање на Попов и панел со Александар Прокопиев.
„Про-За Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, од ТРАДУКИ, делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винаријата „Бовин“.
Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски, а уметнички директор е Александар Прокопиев. Претседател на одборот за доделување на наградата е Ермис Лафазановски, а продуцент – Никола Мадешовски.