Приведено лицето кое пукаше со пиштол спроти споменикот Скендербег
Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани, соопштија од МВР.
Е.Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На раскрсницата пред плоштадот „Скендербег“ на влезот во Старата скопска чаршија дојде до екцес меѓу демонстрантите и група луѓе, а очевидци тврдат и дека се слушнале и истрели, но полицијата интервенираше и ги раздели групи, спречувајќи евентуален поголем инцидент.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук вечерва објави фотографија на која се гледаат неколку лица, посочувајќи дека едниот од нив требало да го убие.
– Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва. Барам итно да биде приведен од Спасовски и МВР, наведе Мицкоски во објавата.