Приведени тројца градоначалници на Кочани

Вечерва се приведени тројца поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ, Николчо Илијев од СДСМ и Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ , кој неодамна си даде оставка.
Обвинителството и МВР не ја потврдуваат информацијата во поглед на идентитетите на приведените, но Ратко Димитровски е виден како излегува од дома во придружба на полициски службеници, по што бил внесен во полициско возило. Димитровски беше градоначалник на Кочани од 2009 до 2017 година, додека Илиев во период од 2017-2021 година.
Во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани, а во врска со постапката за пожарот во клубот „Пулс“. Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта, а повеќе информации Обвинителството ќе соопшти по завршување на акцијата во текот на утрешниот ден, велат од Јавното обвинителство.
Засега нема точни детали, меѓутоа градоначалниците се приведени поради трагедијата која се случи во Кочани и во која загинаа 59 лица, а повредени се околу 200. Кобната дискотека работела од 2012 година, мандатот на Ратко Димитровски, а работеше се до кобната ноќ.
Во времето кога градоначалник бил Ратко Димитровски, општината прво одобрила паркинг за неколку возила, но откако Димитровски дознал дека сопственикот ќе го користи објектот како дискотека, му наложил на раководителот на одделението за уреедување на градежно земјиште да ја поништи одлуката. Документот е во прилог.