Драги Рашковски ќе оди во куќен притвор


Судија на претходна постапка одреди куќе притвор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, наместо ефективен, како што побара обвинителството. Според соопштението од судот куќен притвор е одреден затоа што обвинителот не приложил докази дека Рашковски е имотен и може да избега, како и дека ќе влијае на истрагата.

Истото се однесува и на сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка „Инвока груп“, Даниел Станчески.

На Рашковски и Станчев им се забранува комуникација со другите осомничени и користење на средства за комуникација.

Полицијата утрово го приведе Драги Рашковски. Заедно со Рашковски беше приведен и Даниел Станчески од „Инвока гроуп”.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донело наредба за истрага во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци што не го користи ниедна институција. Со наредбата за истрага се опфатени вкупно четири лица. За другите двајца обвинителството предлага други мерки на обезбедување.

Рашковски во средата објави дека се повлекува од функцијата во кабинетот на премиерот Зоран Заев, а оставката ја напишал два дена порано.Според неофицијални информации, се бара притвор за Рашковски.

Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во временскиот период од јануари 2019 година до  јули 2020 година, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денари (179.159 евра).

Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо преку Електронскиот систем за јавни набавки, првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот, донел одлука за избор и склучување на договор и исплата на фактурите, иако софтверот не бил имплементиран.