Приватните превозници ветуваат еколошки автобуси, од 210 сега, 25 се на метан


Фото: Б. Грданоски

Сите возачи од приватниот градски превоз во Скопје ќе се пријават на јавниот оглас распишан од Градот денеска, а се надеваат дека до почетокот на следниот месец, приватните автобуси ќе се вратат на скопски улици. Најавува обновување на возниот парк, но и нов, подобрен возен ред.

– Сите ние ќе се вратиме на работа. Сите 210 автобуси ќе бидат во функција. Автобусите ќе бидат подеднакво поделени во сите три пакета. Ние сме многу задоволни што работите тргнаа во таа насока. Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој јавен повик, ќе видиме што сѐ е потребно, ќе ја собереме документацијата и навремено ќе аплицираме – рече Јовица Зафировски од новото координативно тело на приватните превозници.

Понудите ќе се отвораат на 26 март, па Зафировски се надева дека во почетокот на следниот месец сите ќе се вратат на работа

– Условите се исти како и во претходните јавни повици. Засега остануваме и со истиот возен парк. Но, во соработка со градот ќе работиме на обновување на возниот парк. Сите постари автобуси ветуваме дека ќе ги замениме во догледен период за да може граѓаните да имаат подобар сервис – додаде Зафировски.

Појасни дека долг Град Скопје кон нив нема, ЈСП должи, но тоа ќе го остават тековно да се решава.

Во однос на обвинувањата дека Град Скопје, поради долгиот временски период додека проблемот на е се реши ќе треба да исплаќа и камати, Зафировски уверува дека никој нема да биде оштетен, затоа што тие не бараат камата, „само она што ни припаѓа“.

– Ќе има три нови фирми, за трите пакети. Има по пет линии, само еден пакет има шест линии. „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ немаа свои возачи, тие беа само носители. Ние ги носевме возачите – појаснува Зафировски на кој начин тие ќе аплицираат на новиот јавен повик.

Додаде дека сите автобуси на метан со кои располагаат ќе ги стават во функција, а такви се во моментот 25, затоа што  цената на метанот е на доста добро ниво, проценува Зафировски

– Ние ќе бидеме дел од проектот „Модерно Скопје“. Ќе има подобар возен ред. Ќе треба да се сретнеме со градончалничката. Темата за цената на билетите е отворена, но за тоа треба повеќе средби и да се договориме – додава Зафировски.

Инаку, по повеќемесечна пауза, по раскинувањето ан договорите со „Слобода превоз“ и со „Макескпрес“, под кои работеа приватните превозници, Градот Скопје денеска распиша јавен повик за 16 линии, на кој приватните превозници може да се пријават до 21 март. Во меѓувреме, авотбуските линии кои ги опслужуваа приватниците, ги презеде ЈСП-Скопје, но скопјани се соочија со нередовност и редуцирани автобуси, па по постојките редовно имаше метеж, а автобусите беа пренатрупани.