Приватните превозници утре од 6 часот ќе ја блокираат „Илинденска“ од Влада до МИ-ДА


Фото: Б. Грданоски

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утре од шест часот ќе го блокираат сообраќајот во Скопје на десната лента на ул. „Илинден“ на потегот од Владата до МИ-ДА, а околу 200 автобуси ќе бидат паркирани пред Градското Собрание, најави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Тој на денешната прес-конференција рече дека не е постигнат договор со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈСП Александар Стојковски за исплата на долгот што го побаруваат превозниците.

– Добивме известување од организаторите на Златно славејче дека утре по три години повторно ќе се одржи фестивалот и ќе има посетители и од другите градови. Не замолија, протестот да го одложиме или нешто друго да се направи со цел тие да стигнат и да бидат присутни. Тоа е емпатија на којашто не можеме да останеме рамнодушни. Пренесов и одредени сугестии од граѓани кои посочија протестите да се одржат пред Град Скопје, бидејќи не мора сите граѓани да го трпат ова, изјави денеска директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.

-Утрешниот ден ќе покаже дали ќе има некаков ихсод или блокадата ќе продолжи и во текот на викендот и почетокот на следната недела, рече Јовановски.

Доколку и во меѓувреме нема резултати ќе бидат блокирани крстосниците кај  „Мавровка“, Црвен Крст и ул. „Илинденска“. 

– Бројот на автобуси на приватните превозници е толку мал што ЈСП лесно може да се соочи и да го покрие тој вакуум. Вкупниот број на возила на „Слобода превоз“ што добиле изводи од лиценца да вршат превоз, е 131. Од она што го знам од „Мак-експрес“ е дека таму има 77 автобуси, што значи дека се вкупно 208 автобуси кои вршат превоз во Град Скопје, информираше Јовановски.

МВР ќе спроведе посебен сообраќаен режим

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 02.12.2022 (петок) поради најавено одржување на протест со почеток во 6.00 часот, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на бул „Илинден“, од крстосницата на бул „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“ до крстосниците со бул. „8 Септември“  и околните улици.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Јовановски дематираше дека долгот на постои

Презентирајќи документите, Јовановски ја демантираше изјавата на директорот на ЈСП оти долгот не постои.

– Дека не е така покажуваат сметководствените картички, аналитичката картичка на ЈСП која ја имаме добиено вчера на 30.11.2022 година во 10:53 часот. Состојбата што стои кај нив укажува дека има долг од 61.812.593 денари. Долгот е неспорен зашто добивме денеска известување за извршување на платен налог каде го бараме тој долг. Овој долг се однесува за половина од август, цел септември и цел октомври. Долгот со доаѓањето на Данела Арсовска за градоначалник изнесува вкупно 19.811.516 денари, а сега е зголемен повеќе за три пати односно 300 проценти, соопшти директорот на „Слобода превоз“.

Вели дека овој долг не може да биде спорен бидејќи ниту „Слобода превоз“, ниту „Мак-експрес“ сами не ги изготвуваат фактурите, туку на претходно изработен табеларен извештај со сите податоци во него, бројот на километри, цената по километар, тоа го работи нивниот контролен центар и таа табела и извештај оди на верификација во Град Скопје.

– Зошто се зголемува долгот во континуитет е тоа што директорот на ЈСП, како претходниот, така и овој, од јануари е престаната праксата да се исплаќаат аванси кои се обврска на директорот да ги прави и дава бидејќи така е регулирано во договорот. Задолжен е да врши неделни авансни уплати, рече Јовановски.

Јовановски го отфрли обвинувањето од градоначалничката Данела Арсовска дека во изминатите години приватните превозници не пријавиле ниту еден продаден билет во приватните автобуси.

– Тоа што го изнесе градоначалничката на прес-конференција, можеме да потврдиме дека во опишаниот период, ниту сме задолжувале карти, ниту приватните превозници во своите автобуси ги продавале картите. Целиот тој процес од изработка, цена, набавка, дистрибуција и приход по секој основ од тие билети завршуваат и ги прави ЈСП. Ако тие пари завршуваат на друго место, тоа ќе треба тие да кажат, вели Јовановски.

Причината за непродавање на билети во приватните автобуси, тој вели дека е поради нефункционалноста на фискалните апарати.

– Фискалните апарати не функционираат ниту во „Слобода превоз“ ниту во „Мак-експрес“, а ниту во ЈСП, но не по наша вина, туку по вина на тој што ги набавил. Нивните барања да продолжиме да продаваме билети без фискални сметки се постојани. Каков интерес имал некој од тоа, мене не ми е јасно. Тоа барање траеше во континуитет и беше одбивано во континуитет од моја страна со причина, истакна директорот на „Слобода превоз“.

Вели дека нема да продаваат билети бидејќи не работат фискалните принтери и постојано ги носат на поправка. За да се ослободи ЈСП од тој товар, Јовановски вели дека на 6 декември 2018 година биле информирани преку допис што гласи: „Доколку се појави каков било дефект со фискалните принтери вие сте должни дефектот да го пријавите како што го правевме тоа досега, но возачите не треба да го вадат принтерот од возилото или да дојдат со возилото на претходно место за сервисирање. Во преостанатиот период возилата коишто имаат проблем со фискалните принтери ќе бидат само евидентирани од страна на ЈСП и тоа ќе биде се до оној момент кога ќе се направи договор со овластениот сервисер, а кога ќе се постигне договор ќе бидете информирани“.