Приватните превозници утре ќе го блокираат Скопје


Фото: Б. Грданоски

Приватните превозници и утре со 200 автобуси ќе ги блокираат клучните крстосници и булевари во центарот на Скопје, најави Кемал Муриќ претставникот на приватниот превозник „Слобода превоз“ во изјава за ТВ 24. 

Состојбата со ЈСП и приватните превозници ја коментираше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вели дека  премиерот Ковачевски и Арсовска имале тајни состаноци и побара јавноста да знае што се договориле на истите. 

Според него проблемот е во договорот, односно тендерот за набавка на нафта. Објаснува дека тендерот за набавка на нафта во ЈСП не содржи член за рабат, тоа е попустот што го содржеле претходните договори со другите градоначалници. 

Од СДСМ пак велат Мицкоски шири лаги и токму тој ја фалеше Арсовска пред да стане градоначалничка.

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре поради најавено одржување на протест, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.

Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од крстосницата на бул. „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“, до крстосницата од бул.„8 Септември“ и бул. „Илинден“ – крстосницата од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“ (Црвен крст) и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.