Приватните превозници денеска на средба со Арсовска


Фото: Б. Грданоски

Откако најавија нови блокади на крстосниците и булеварите, приватните превозници, денеска ќе заминат на средба со градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска.

Вчера, приватните превозници се прегрупираа, па на протест излегоа во скопската населба Ченто. На чело на превозниците повеќе не стојат „Слобода превоз“ и „Макескпрес“, туку тие самостојно избраа координативно тело. 

За оваа недела најавија протести со блокирање крстосници и булевари во Скопје, но градоначалничката најави средба со нив денеска, за да ги слушне проблемите, откако на двата јавни повици од Градот, не се јави нитуе еден превозник. 

Претставниците на приватните превозници, се откажаа од блокадите најавени за оваа недела,  же чекаат да заврши средбата со градоначалничката, па доколку се најде решение нема да блокираат.

– Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување – изјави скопската градоначалничка Данела Арсовска во интервју за МИА.

Бројни граѓани од Ченто, вчера излегоа заедно со приватните превозници на протест и кажаа дека автобуси нема. На линиите на кои имало и по пет автобуси во еден час, сега има само еден. Граѓаните на Скопје велат дека невозможно е да функционираат без превоз. Доцнат на работа, на лекар, а мрзнат на постојките чекајќи автобус кој не доаѓа и по 40 и повеќе минути. 

Состојбата со градскиот превоз во Скопје е нарушена повеќе од три месеци, откако Градот им ги раскина договорите на приватните превозници, а линиите кои тие ги опслужуваа ги презеде Јавното сообраќајно претпријатие. Но, тоа значеше редуцирање на бројот возила кои поминуваат на одредена линија, со што автобуси не доаѓаат, а кога ќе дојдат се преполни.