Прилепскиот Совет донесе одлука за меѓуопштинска соработка за регионална депонија во Новаци


Прилепскиот Совет на денешната седница  едногласно го прифати предлогот за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу општините Новаци, Прилеп, Битола, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод како дел од процесот за отворање на Регионалната депонија во Новаци. Оваа одлука на Советот доаѓа по прифатената иницијатива на Новаци со која Општината го прифати предлогот на нејзина територија да се гради регионална депонија за потребите за одложување и преработка на сметот од 19 општини во југозападниот дел од земјава.

Вакви одлуки за соработка треба да донесат сите општини, а процесот е во тек.

– Со тоа започнува процесот на формирање јавно претпријатие кое ќе управува со регионалната депонија во општина Новаци, вели директорот на ЈКП „Комуналец“ Рубин Абрашоски.

Во Јавното претпријатие кое ќе се формира свои претставници ќе делегираат сите општини. На тој начин земјава ќе формира депонија според сите стандарди зашто досегашните градски ниту имаа некои стандарди, ниту можеше да се заштити животната средина.

Прилепската градска депонија кај селото Алинци се соочува со повеќе проблеми, меѓу кои, во последно време, со намерно палење на сметот. Едно такво кое ги загрозуваше и животната средина и здравјето на населението се случи на двапати: пред година и половина и пред една недела кога 7-8 дена гореше депонијата.

За изградбата на Регионална депонија во југозападниот регион се обезбедени средства од преку 50 милиона евра преку кредитна линија и преку Министерството за животна средина.