Прилеп го почна првиот проект со парите од унгарскиот кредит
Во Прилеп во тек се градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа во централното градско подрачје викано „Карабдалица“. Ова е првиот од трите капитални инфраструктурни проекти за кои Општината доби 3,2 милиона евра од Владата, преку Министерството за локална самоуправа.
Според градоначалникот Борче Јовчески кој денеска беше на увид на работите, со првиот проект се реконструираат 1.240 метри водоводна линија.
-Со овој проект старите азбестцементни цевки ќе бидат заменети со нови, со поголем капацитет, што значително ќе го подобри водоснабдувањето во овој дел од градот. Ќе се постават 124 приклучоци, 7 нови хидранти за зголемена безбедност и ќе се изведат 18 јазли. Моментално, работите се одвиваат на улицата „Стеван Димески – Ништакот“, каде веќе се заменети 140 метри од водоводната мрежа. Инсталирани се 15 приклучоци и поставени 3 јазли. Овој проект е дел од пошироката стратегија за подобрување на инфраструктурата во Прилеп, а неговата реализација е овозможена со поддршка од Владата – рече Јовчески.
Од ЈКП „Водовод и канализација“ нагласуваат дека досега во градот од 200 километри водоводна мрежа, се заменети половината.
Паралелно, се одвиваат и постапките за другите два капитални проекти. За изградбата на дел од улицата „Победа“ веќе има избран изведувач и се очекува до 15 февруари да се потпише договорот и да започне реализацијата.
Што се однесува до изградбата на кружниот тек на Табана, постапката е во завршна фаза и се очекува до 18 февруари да има избран изведувач.
Во наредниот период прилепската локална самоуправа очекува Министерството да го објави повикот за поддршка на општините.
-Општина Прилеп е целосно подготвена со нови инфраструктурни проекти, на кои интензивно работевме со нашиот тим од секторот за Урбанизам и Јавното претпријатие ЈП ЗА ПУП. Штом ќе бидат објавени условите и критериумите на повикот, ќе аплицираме со доволен број на проекти, во рамките на финансиските средства предвидени за Прилеп, кои изнесуваат околу 8 милиони евра, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески при денешниот увид на работите на реконструкцијата на водоводната мрежа во централното градско подрачје.