Пригожин доби амнестија, Путин му се заблагодари на Лукашенко за договорот со „Вагнер“

Борците на Вагнер кои не учествувале во директното подготување на бунтот ќе можат да потпишат договори директно со Министерството за одбрана и да се стават под единствената руска команда.


 

Рускиот претседател Владимир Путин  синоќа телефонски му се заблагодарил на својот белоруски колега Александар Лукашенко за сработеното за решавање на ситуацијата околу приватната воена компанија Вагнер.

„Денеска во 21 часот повторно телефонски разговараа претседателите на Белорусија и Русија. Претседателот на Белорусија детално го информираше претседателот на Русија за резултатите од преговорите со раководството на „Вагнер“. Претседателот на Русија го поддржа својот белоруски колега и му се заблагодари за сработеното“, се вели во соопштението на Минск. 

 Пригожин се согласил да го запре напредувањето на неговите сили кон Москва по предложеното решение кое содржи безбедносни гаранции за трупите на Вагнер, соопшти кабинетот на Лукашенко. Според договорот Пригожин прифатил да се откаже од маршот на Москва и да замине во Белорусија, а за возврат ќе бидат заштитени тој и неговите борци од сите обвиненија од Русија. Од видео снимки емитувани на руските телевизии и тие во странство се виде како Пригожин го напушта со своите следбеници Ростов на Дон, а тамошни граѓани го поздравуваат. 

Кривичната постапка што ја отвори руското внатрешно разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ) против Евгениј Пригожин поради „вооружен бунт“ и „повик на започнување вооружен граѓански судир на руска територија“, по бунтот на борците на неговата приватна воена компанија „Вагнер“ ќе биде запрена, а тој „ќе замине во Белорусија“, појасни портпаролот на Кремљ, Дмитриj Песков во саботата доцна ноќта на брифинг за новинарите. Лукашенко се понудил за посредување, со согласнот со рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи лично го познава Пригожин дваесеттина години. Песков не кажа каков би бил статусот на Пригожин во Белорусија и со што би се занимавал таму. Властите, исто така, нема да ги гонат припадниците на групацијата „Вагнер“ кои учествувале во бунтот поради нивните заслуги на првата линија на фронтот, додаде Песков пред новинарите.

„Што се однесува до другите борци, оние кои учествувале во бунтот, нив никој нема да ги гони, земајќи ги предвид нивните заслуги на фронтот“, рече Песков.

Во брзиот развој на драматичните настани во саботата, малку претходно рускиот пратеник Павел Крашниников изјави дека на борците на „Вагнер“ им е ветена амнестија ако го положат оружјето, но оти тоа мора да го сторат брзо.

„Борците на Вагнер сѐ уште можат да го положат оружјето и да ја избегнат казната имајќи ги предвид нивните постигнувања во текот на специјалната воена операција (во Украина)“, изјави пратеникот.

Руското Министерство за одбрана уште во саботата претпладнето апелираше до борците на „Вагнер“, велејќи дека многу од нивните другари веќе ја сфатиле грешката.

„Многу ваши другари од неколку одреди веќе ја сфатија својата грешка барајќи помош за да се обезбеди можност безбедно да се вратат на нивните постојани места на распоредување. Таква помош од наша страна веќе им е дадена на сите борци и команданти кои се пријавија“, соопшти Министерството за одбрана.

Во продолжение на брифингот Песков рече дека прекинатиот бунт на „Вагнер“ „на ниеден начин“ нема да влијае врз руската воена интервенција во Украина.

„Во ниеден случај… Специјалната воена операција продолжува. Нашата војска успеа да ја одбие украинската противофанзива“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање за можните последици од бунтот врз плановите на Кремљ во Украина.

Песков одби да одговори дали за Прогожин се направени некакви отстапки освен безбедносните гаранции за него и неговите борци, за кои рече дека претседателот Владимир Путин го дал својот збор. Борците кои не учествувале во директното подготување на бунтот ќе потпишат договори директно со Министерството за одбрана, според законот донесен претходно седмицава, а со кој од 1-ви јули под единствена команда ќе бидат ставени сите автономни доброволечки одреди и борбени формации, кои постојат особено на територијата на проруските региони во Украина формирани по превратот во Киев 2014 година и почетокот на тамошната граѓанска војна.

Пригожин во објавата за повлекувањето на единиците на „Вагнер“ во своите бази објави токму дека една од причините за бунтот е тоа „што сакаа да нѐ расформираат“ и ги повика во Ростов на Дон министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за кои бараше да му се предадат откако изминатите месеци жестоко ги критикуваше и навредуваше во јавноста за некомпетентност за водење на војната во Украина, за бирократија и корупција.

Вонредната антитерористичка состојба во неколкуте градови на југот на Русија, како и во главниот град Москва, воведени поради бунтот на „Вагнер“ и натаму остануваат на сила. Портпаролоката на московскиот градоначланик потврди дека на сила останува претходно донесената одлука понеделник 26-ти јуни да бие неработен ден во Москва.

Во бунтот на „Вагнер“, според западни извори, биле вклучени 25.000 борци, од кои 5.000, како што тврдеше Пригожин стасале на 200 километри од Москва, откако нивните конвои во Ростовската и Воронежката област биле гаѓани од воздушните сили. Пригожин објавувајќи го бунтот ноќта кон саботата тврдеше дека руската војска со ракети и со бомбарирања ги нападнала базите на „Вагнер“ и биле убиени „многу борци“, што руското Министерство за одбрана категорично го негираше.

Во текот на саботата се појавија повеќе информации за гранатирања, пукања, детонации на локациите каде беа единциите на „Вагнер“ како и за соборени неколку борбени авиони или хеликоптери, за кои не се знае чии се, бидејќи и привантата воена формација е опремена и со борбени летала и со тенкови и тешки борбени оклопни возила.

И покрај договорот останува нејасно што ќе се случи со улогата на Пригожин во Вагнер и војната во Украина, и дали сите негови борци ќе бидат ангажирани во руската војска. Групата Вагнер е „независна борбена компанија“ со различни услови од руската војска, рече пензионираниот мајор на американската армија Мајк Лајонс во саботата. На пример, борците на Вагнер се подобро хранети од војската – што значи дека целосната асимилација би била тешка.

„Можеби некои ќе се отцепат“, додаде тој. „Тие луѓе се лојални на човекот, Пригожин, не на земјата, не на мисијата. Мислам дека имаме многу повеќе прашања на кои не се одговорени во моментов“.

Опасноста не е завршена ниту за шефот на Вагнер, велат експертите.

„Путин не им простува на предавниците. Дури и ако Путин рече  -Пригожин,  оди во Белорусија – тој сепак е предавник и мислам дека Путин никогаш нема да го прости тоа“, рече Џил Доерти, поранешен шеф на московското биро на CNN и долгогодишен експерт за руски прашања.

Можно е да видиме како Пригожин „го убиваат  во Белорусија“, додаде таа – но тоа е тешка дилема за Москва бидејќи се додека Пригожин „има некаков вид на поддршка, тој е закана, без разлика каде се наоѓа“.

Путин сега се соочува и со вистински проблеми. Повеќе експерти изјавија за Си-Ен-Ен дека иако рускиот претседател го преживеа ќор-сокакот, тој сега изгледа слаб – не само пред светот и неговите непријатели, туку и за својот народ и војската. Тоа може да претставува ризик доколку има скептици или ривали во Москва кои гледаат можност да ја поткопаат позицијата на Путин.

„Да бев на местото на Путин, ќе бев загрижен за тие луѓе на улиците на Ростов кои ги бодрат луѓето од Вагнер додека си заминуваат“, рече Доерти.