Прифатени пет проекти на Фармацевтскиот факултет на огласот на МОН за модернизација на лаборатории


На огласот на Министерството за образование и наука за финансирање проекти за опрема и истражување на лабораториите на универзитетите, Фармацевтскиот факултет на УКИМ конкурираше со пет проекти и сите му беа прифатени и позитивно оценети.

Деканот Зоран Стерјев денеска по тој повод имаше средба со министерката за образование и наука Мила Царовска која ги посети лабораториите. Тој соопшти дека се работи за 24 милиони денари вкупна инвестиција во проектите. Половина од тој износ е за еден проект за лабораториска опрема, а останатите четири проекти се финансирани со по три милиони денари.

– За нашата институција тоа има огромно значење зашто ќе добиеме опрема со која ќе може да продолжи нашиот развој и во научно-истражувачка, но и во апликативна дејност, затоа што на нашиот факултет во изминатите 45 години, колку што постои, даваме особено внимание и на научно-истражувачката и на апликативната дејност и ги развивавме постојано. Ова е огромен потстрек да се продолжи со интензивен развој. Вакви средства преку проекти финансирани од МОН не сме добиле во изминатиот период, изјави Стерјев.

Тој додаде и дека преку капиталните инвестиции од МОН се обезбедени средства со кои успеале да финансираат дополнителни два значајни апарати што ги користат во секојдневната работа.

– Тоа значи дека само во овој период од околу шест-седум месеци, може да зборуваме за некои 36 милиони денари инвестиции кои Фармацевтскиот факултет ги доби од Министерството за образование и наука, истакна Стерјев.

Министерката Царовска по посетата на петте лаборатории на овој Факултет, кои добија поддршка од МОН, изјави дека Владата и Министерството посветено работат на креирање одржливи системи за финансирање наука затоа што, како што рече, само преку соодветни системи за финансирање во науката може да очекуваме забрзан раст и развој на нашата држава.

– Токму тука се и очекувањата од 244-те милиони денари кои МОН ги обезбеди за да може да финансира 44 проекти на различни факултети. Пет од нив се на Фармацевтскиот факултет затоа што навистина тука може да видиме и апликација и очекуваме многу од она што ќе се случи како научно-истражувачка работа преку овие проекти, рече Царовска.

Таа потсети дека со 19 милиони денари МОН ги поддржа и националните институти и дека поддршката за универзитетите ќе продолжи не само со финансирање проекти, туку и со инвестиции во инфраструктурата што ќе го подобри квалитетот на наставата.