При чистење на комуналните отпадни води во Волково отстранети околу четири тони отпад

Пречистителната станица за отпадни води Волково е наменета за чистење на комуналните отпадни води кои доаѓаат од собирното подрачјето на населбите Кисела Јабука, Стопански Двор и Волково. За пречистување на отпадните води се употребува современа СБР технологија. Во текот на изминатиот месец се пречистени вкупно 65 805 м³ отпадна вода. Од механичкиот предтретман се отстранети приближно четири тони отпад со категоризација на отпад 19 08 01 (отпад од сита, крпи, марамици…) и 19 08 02 ( отпад од песколовец – песок).
Ова денеска го соопштија од ЈП Водовод и канализација од каде информираат дека во пречистителната станица за отпадни води – Волково се прават анализи на параметри кои се предвидени во дозволата за испуштање на отпадна вода во реката Лепенец.
Во периодот од 1 октомври до 31 октомври беа изработени анализи на 18 примероци од две мерни места. Направените анализи во октомври покажуваат задоволителни резултати и висок процент на ефектот на пречистување, а вредностите на параметрите на излез се движат во границите на максимално дозволените концентрации според правилник – Службен весник на РСМ бр.73 од 31.05.2011 година, посочуваат од ЈП Водовод и канализација.