Презентација на Мултимедијалниот проект „Сеќавања“ на Фунда, Батухан и Беди Ибрахим во Софија


Во галеријата на Културно – информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, вечер во 18,30 часот, ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Сеќавања“ на Фунда Ибрахим, Батухан Ибрахим и Беди Ибрахим.

Проектот содржи изложба на сликарски дела, уметнички инсталации и видеоарт од тројцата автори, активни во ликовната, филмската и театарската уметност.

Како што се наведува во најавата од КИЦ на РСМ, Проектот „Сеќавања“ е постојано истражување и експериментирање на полето на цртежот, скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста што се темелат врз сопствената историја и традиција. Сеќавања е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставуваат активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото.

-„Сеќавања“ е интимен  документ за сите лични приказни, но и воопштена приказна за сопствената историја и постоење. Концепт за овој проект на извесен начин претставува продолжение на суптилната поетика на потрагата по сопствената историја. Проектот е мултимедијална археологија на душата, чувар на сопственото и сојузник на туѓото сеќавање, лоцирано на другата страна на заборавот и продолжување на меморијата. Сеќавање е вообличен во предметите кои ги кријат историските пластови, паметењето, пораките….врз кои се интервенира, се надоградува и се збогатува со разни приказни, спојувајќи ги трагите од минатото, со втиснатите траги од сегашното време, стои во најавата за проектот.

Реалноста, се посочува меѓу другото, е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на личната вистина и суштината на постоењето. Оттука во делата може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со сознанијата и искуствата се изградува во личност. Сеќавање говори за животот и постоењето.

Фунда Ибрахим е родена 1975 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1999 година, на одделот драмски актери во првата генерација на турски јазик, во класата на ред. проф. Љубиша Георгиевски. До дипломирањето учествува на повеќе  студентски театарски и филмски проекти. Од 2003 год. до 2007 год. работи на повеќе театарски работилници во Детскиот Театарски центар, во ОУ „Тефејјуз“ и во домот за деца без родители „11-ти  Октомври“. Од 2006 година е вработена како драмски актер во НУ Турски Театар Скопје. Има играно во неколку телевизиски серии и во над 30-тина театарски претстави.

Учествува на неколку самостојни ликовни проекти и истражувања со ликовниот уметник скулптор Беди Ибрахим. Во 1997 год. работи на видео проектот ПРАГ снимен во Чифте Амам – Скопје кој е претставник на Меѓународното биенале во Истанбул. Учествува во реализација на ликовниот проект  „Меморија“, Битола, 2009 год. Во 2014 год. е дел од мултимедијалниот проект „ПРАГ 2“    во Македонскиот Културен Центар MC Gallery, Њујорк. Во 2022 година е еден од авторите на проектот „Мојот дневник“ – Македонски културен центар во Истанбул.

Батухан Ибрахим е роден на 05.12.1998 г. во Скопје. Во 2020 г. дипломира на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на одделот Филмска и ТВ режија во класата на проф. др. Антонио Митриќески. Во 2022г. магистрира на одделот Филмска и ТВ Режија на Факултетот за драмски уметности. Во едно е добитник на наградата за најдобар дипломиран студент во учебната 2019/20 на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, а во исто време  е добитник  и на почесната награда  “26 Јули” за најдобар студент во учебната 2019/20г. од Фондацијата „Франк Харкорд Манинг“ од Лондон, Велика Британија од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”.

Моментално работи на својот дебитантски краток филм кој е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, го подготвува својот прв долгометражен филм кој е во фаза на пишување на сценарио, а исто така активно работи на професионалните филмски и ТВ проекти во земјава. Во своето досегашно творештво има изработено девет кратки филмови кои се прикажувани на многубројни меѓународни фестивали на кои имаат добиено над 15 награди. Има работено на многубројни мултимедијални проекти, меѓу кој е и „ПРАГ“ – MC Gallery-Њујорк. Воедно, беше дел од екипата на македонскиот кандидат за Оскар „Медена Земја“.

Беди Ибрахим е роден во Скопје, во 1959 г. Во 1985 година дипломирал на ФЛУ на одделот за скулптура, а во 1999 година завршил постдипломски студии на истиот Факултет. Од 1985 година е член на групата „Зеро“. Во 1991 година престојувал на Универзитетот Мимар Синан во Истанбул, како и во ателјето на познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1992 година престојувал на Јилдиз Универитетот во Истанбул каде вршел истражувања во Кападокија, под менторство на проф. Томур Атагок. Во 1997 година бил единствен претставник од Македонија на Меѓународното биенале во Истанбул. Во периодот 1999 – 2001 г. бил директор на Турската драма. Од 2002 година до денес работи на ФЛУ како редовен професор на вајарскиот оддел. Во два мандата бил и продекан за настава. Од 2020 до 2023 година бил декан на ФЛУ.  Освен со скулптура се занимава и со сликарство и сценографија. Од 1985 година до сега има реализирани над 30 самостојни изложби во земјата и во странство и бројни групни учества на локалната и меѓународната сцена: САД, Чешка, Германија, Италија, Турција, Холандија, Франција, Хрватска, Србија, Црна Гора, БИХ, Бугарија, Кина итн. Меѓу најзначајните изложби е и неговото индивидуално учество на Р. Македонија на 5. Меѓународно  биенале во Истанбул, во 1997 година и на 54-то Меѓународно Биенале во Венеција, со групата „ЗЕРО“. Добитник е на три национални и меѓународни награди.

Изложбата од проектот „Сеќавања“ ќе може да се види во просториите на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, до 17 јули 2023 година.