Превентивни активности на МВР за заштита на децата во сообраќајот


На подрачјата на секторите за внатрешни работи Битола и Куманово, вчера беа реализирани низа активности посветени на безбедноста во сообраќајот од повеќе аспекти, соопшти Министерството за внатрешни работи.

-На подрачјето на СВР Битола, во градовите Македонски Брод, Демир Хисар и Ресен, полициските службеници ги посетија првачињата и второодделенците во тамошните основни училишта при што беа одржани едукативни часови за основните сообраќајни правила важни за децата како пешаци, но и како корисници на тротинети и велосипеди, соопшти МВР.

Во Прилеп била реализирана превентивна активност насочена кон возачите на моторни возила за важноста за користење заштитен појас при возење, а во Крушево полициските службеници превентивните активности ги фокусирале на акцијата „Слави со срце, не со оружје“.

-На подрачјето на СВР Куманово, поточно во градот Куманово, во централното градско подрачје беа спроведени, исто така, сообраќајни превентивни активности насочени кон важноста од правилно паркирање и за неопходноста од носење заштитен шлем при управување мотоцикли, наведува МВР.