Претставување нов пакет услуги за спречување на детската сиромаштија и социјална исклученост

Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, денеска ќе организира настан посветен на справувањето со детската сиромаштија и социјалната исклученост.
Како што е најавено, ќе ги претстави клучните наоди за најранливите групи деца и препораки за политики за сеопфатен пакет на услуги што треба да се разгледаат во рамките на Европската гаранција за деца во земјата. На настанот ќе бидат претставени и искуства во примената на моделот за гаранција за деца како инструмент за справување со детската сиромаштија.
Настанот ќе го отворат министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер. Ќе учествуваат претставници на министерства, членови на собраниски комисии, Народниот правобранител и други општествени чинители и претставници на граѓански и меѓународни организации.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје посочуваат дека сиромаштијата и исклученоста значително влијаат врз животот на децата, попречувајќи им ја достапноста до основни социјални услуги и до можности за развој.
-Секое трето дете во Северна Македонија живее под националниот праг на сиромаштија, што е зголемување во однос на 2019 година кога тој процент изнесувал 27,8 и ги прави децата една од најранливите групи во општеството. Четириесет проценти од децата се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија, според показателот на ЕУ за деца во ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Податоците од анкетите на домаќинствата покажуваат дека дури 73 отсто од децата се изложени на насилно дисциплинирање во домот, а приближно 20 000 деца немаат ефективна здравствена заштита. Помалку од 37 проценти од децата на возраст меѓу 3 и 6 години имаат пристап до предучилишно образование, додека половина од децата со попреченост не преминуваат во средно образование поради недостиг на мерки за поддршка, наведува УНИЦЕФ.
И покрај достапноста на основни услуги, како што се здравствена и социјална заштита, и образование, децата што се соочуваат со сиромаштија и исклученост се соочуваат со поголеми пречки поради тоа што системите не се прилагодени на нивните потреби.
-Врз основа на моделот на Европската гаранција за деца, УНИЦЕФ соработува со Владата за да ги идентификува најранливите групи деца и да ги процени постојните услуги и програми за справување со детската сиромаштија и социјалната исклученост, се наведува во соопштението.