Претседателот на Стопанската комора, Азески, го фали Муцунски


 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, доби отворени пофалби од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за тоа како ја организирал дипломатијата, особено македонската мисија во ЕУ. Азески минатата недела беше на конференција во ЕУ и реши јавно да сподели како бил пречекан од нашите дипломати, колку му помогнале и како работи мисијата.

Азески вели дека во многуте години претходно видел дека има „смешно глумење некакви високи интернационални цели кои немаат врска со реалноста; Како и „смешни суми за репрезентација на ДКП“; а кадровски тие биле лошо екипирани.

Сега, според Азески сѐ било поинаку, позитивно: Од тоа како го пречекале македонските дипломати во Брисел, како изгледаат просториите на мисијата, а и возниот парк е „изненадувачки добар“.

Откако ги наведува дипломатите во мисијата и ги фали за нивната работа, Азески заклучува: „Ако членството во Унијата ни е целта кон која се движиме, нашето претставништво во центарот на ЕУ мора да биде точката од која ќе тргнат промените. Добро опремено, финансиски поддржано и подготвено за најголемите предизвици – да ја оставиме зад себе урамниловката и со пример да покажеме дека лидерството е врзано со целта и со темелните вредности, а тие со парите на граѓаните и со нивното добро“.