Претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски, поднесе оставка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка, јави Дојче веле. Информацијата за „Независен“ ја потврдија од РКЕ.
Бислимоски оставката ја поднел утрово при што со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата.
Тој го одработуваше вториот мандат како прв човек на РКЕ. Првпат беше избран во јуни 2018 година.
Дојче веле пишува дека Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето. Одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници. За причините засега може само да се шпекулира, доколку се има предвид дека вториот петгодишен мандат на Бислимоски завршуваше во јуни 2028 година.
Се огласија и од Регулаторната комисија за енергетика. Во соопштението до медиумите се вели: „Ве информираме дека Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) денес (12.02.2026 ) го извести Собранието на Република Северна Македонија дека поднесува оставка од функцијата претседател на РКЕ.
Согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата.
РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика.
Вработените и членовите во РКЕ јавно му се заблагодаруваат на долгогодишната соработка на претседателот Марко Бислимоски“, стои во соопштението на РКЕ.
Инаку, откако новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ го почна мандатот, Бислимоски неколку пати се најде удар на властите. Во една прилика, за зачувување на независноста на Регулаторната комисија за енергетика интервенираа и од Енергетската заедница.
Неодамна против Бислимоски беше поднесена кривична пријава од страна на Финансиската полиција, заради тоа што наводно не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива.
Во реакција на пријавата, Бислимоски рече дека постапките за одземање на лиценца за која било дејност и за кој било сектор се строго пропишани во Законот за енергетика и сето тоа е преточено во Правилникот за лиценцирање.
„На истиот начин како што сме ги воделе постапките за компанијата која што е посочена, во истиот период се водени исти постапки, со исти рокови и за останати компании, не само во делот на секторот за нафтени деривати, туку истото го правиме и во секторот за електрична енергија“, изјави Бислимоски откако Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и овластување.
Бислимоски потенцираше дека во РКЕ не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.
„Буквално истите постапки ги применуваме за сите сектори од областа на енергетиката. Она што сакам да го кажам е дека овие постапки се утврдувани од сериозен тим во Регулаторната комисија за енергетика. Никогаш, ама буквално никогаш, немало повластена компанија или пак компанија за која што се водени постапки спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање“, рече Бислимоски.
Во однос на поднесената кривична пријава, тој рече дека ќе го следи целиот процес и ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции, уверувајќи дека нема прекршување на законската регулатива.
Премиерот Христијан Мицкоски во една пригода забележа дека братот на Бислимоски бил во раководните структури на СДСМ.
Регулаторната комисија за енергетика до сега остана една од ретките институции во земјава која не е раководена од кадри поставени од актуелната владејачка гарнитура. (Н.В.)